Видеотехнологија ќе им помага на судиите на ЕП

78

Судиите на континенталното првенство за жени во Данска ќе можат да прегледуваат снимки од спорни ситуации, а тој видеосистем ќе можат да го користат и делегатите на натпреварите за други моменти од натпреварите

РАКОМЕТ

Видеотехнологијата полека, но сигурно почнува да наоѓа своја примена и на ракометните терени. Европското првенство (ЕП) за жени што завчера почна во Данска ќе биде трето првенство на кое официјалните лица ќе имаат асистенција од видеотехнологија.
Судиите на првенството ќе можат да прегледуваат снимки од спорни ситуации, на пример да утврдат дали топката ја поминала гол-линијата и дали имало премногу груба игра или неспортско однесување. Освен судиите, видеотехнологијата ќе можат да ја користат и делегатите на натпреварите во ситуации кога ќе сакаат да проверат дали била направена добра измена и да се утврди дали било правилно употребено копчето за тајмаут.
Првиот натпреварувачки ден на 14-то ЕП за жени со победи го отворија селекциите на Русија и на Шведска во групата Б и Норвешка и Германија во групата Д. Русинките ја надиграа Шпанија (31-22), Швеѓанките славеа над Чешка (27-23), Норвешка славеше во дуелот со Полска (35-22), а Германија, пак, забележа победа во дуелот со Романија (22-19).
Синоќа на програмата беа дуелите од 1. коло во групите А и Ц, и тоа Франција – Црна Гора, Данска – Словенија, Унгарија – Хрватска, а дуелот Холандија – Србија е одложен за денеска поради позитивен тест на коронавирусот. Денеска се играат и натпреварите од 2. коло во групите Б и Д (Чешка – Русија, Шпанија – Шведска, Полска – Романија и Германија – Норвешка).