Веќе видено во Будимпешта, вардарки европски вицешампионки

1152
Црвено-црните се единствената екипа во ЛШ што петпати во низа е дел од завршниот фајналфор и што двапати последователно игра во големото финале

Во големото финале во ракометната ЛШ вардарки, исто како и минатата година, беа на чекор до триумф, го имаа последниот напад за победа, за во продолженијата, пак како и лани, со еден гол да загубат од унгарски Ѓер

Повторно исти финалисти во женската Лига на шампионите (ЛШ) и повторно ист епилог. Повторно неискористен последен напад за победа, повторно продолженија и повторно минимален пораз од ист противник. Ѓер пак се радуваше, а Вардар со солзи во очите тагуваше. Веќе видено! Исто како и минатата година, во истата сала, во истиот град, Будимпешта.
Ракометарките на Вардар, предводени од тренерскиот двоец Ирина Дибирова и Роберто Парондо и во својот втор последователен настап во финалето на најквалитетното европско натпреварување, во Скопје се враќаат без толку посакуваниот славенички пехар, додека старо-новиот шампион, унгарски Ѓер, ја одбрани титулата од лани во истата сала и пред своите многубројни навивачи. За Ѓер ова е четврта титула во последните шест години и е прв клуб кому му успеало да го зачува победничкиот пехар. Црвено-црните, пак, се единствената екипа во ЛШ што петпати во низа е дел од завршниот фајналфор и што двапати последователно игра во големото финале. А сѐ можеше да биде поинаку, ако вардаровиот пикер Андреа Чанаџија го реализираше во контранапад последниот „зицер“ од шест метри и ако завршниот фајналфор се играше и во друг град и држава, а не само во Будимпешта, односно Унгарија, како што е случај во последните пет години!

Гер на победничкиот трон

Вардар лани загуби од Ѓер со 30-31 дури во продолжението, откако во регуларниот дел беше 26-26. Годинава на семафорот стоеше 26-27, откако регуларниот дел заврши 20-20. Вардар само може да жали за пропуштеното, оти којзнае кога ќе му се укаже ваква можност во иднина, знаејќи дека од следната сезона Вардар веќе нема да биде во овој состав од Будимпешта. И покрај големата желба, пожртвуваност, мотивираност и амбиција да се стигне до највисоката цел, македонскиот шампион и актуелен вицепрвак на Европа сепак остана едно скалило подолу од она што го посакуваше. А во неделата попладне ракометарките на Вардар заслужија да бидат на европскиот ракометен врв. Претходно во полуфиналниот дуел Вардар го совлада рускиот првак и дебитант на завршниот фајналфор, Ростов, со 25-19, додека во мечот за третото место романски Букурешт славеше над Ростов со 31-30.

– Горда сум што бев тренер на овој тим. Горда сум на ракометарките, се бореа и реализираа сѐ што беше договорено, но на крајот не успеавме. Се подготвувавме за овој меч цела сезона, но на крај ете не успеавме. Едноставно немавме среќа. На девојките им посакувам среќа во иднина – вели Ирина Дибирова, тренерката на Вардар.
Во финалниот меч, како и во полуфиналниот, блескаше голманката на Вардар, Амандин Лејно.
– Беше тоа тежок натпревар. Многу ја посакувавме финалната победа, но видовте што се случи. Се подготвуваме за титулата, сите го посакувавме тоа, но Ѓер е квалитетна екипа, која беше и посреќна, па пак стигна до трофејот. На сите ни е жал што овој состав на Вардар во последната сезона не успеа да дојде до победничкиот пехар – разочарано истакна голманката на Вардар, Амандин Лејно. 


Мартин: Вардар не заслужи пораз

Благодарение на моите ракометарки се чувствувам одлично. Сите можеа да уживаат во фантастичен натпревар како што беше и лани. Ракометарките на Вардар се тажни, но треба да бидат среќни, одиграа одлично и не заслужија да загубат. Ова беше силен дуел и двете екипи го дадоа максимумот, задоволно рече Амброс Мартин, шпанскиот тренер на Ѓер, кому ова му беше четврти трофеј со овој клуб, а од идната сезона ќе го води Ростов.


Куп признанија за вардарки

Покрај пехарот за второто место, вардарки во спортската сала „Ласло Пап“ и пред 12.000 гледачи, во најголем број Унгарци, добија уште три признанија. Така голманката Амандин Лено е прогласена за најкорисен играч (МВП) на турнирот со нејзините 16 одбрани во првиот меч против руски Ростов (50 отсто) и 17 во финалниот (41 отсто). Французинката има и две од вкупно петте најдобри одбрани во Будимпешта, односно се најде на второто и петтото место на топ 5 одбраните, додека левиот бек Барбара Лазовиќ на третата. Централниот бек на скопјанки, Андреа Лекиќ, се најде меѓу трите најдобри ракометарки на турнирот, а последниот нејзин гол во финалето е прогласен за најгол.
На Лејно и на Лекиќ друштво им прави уште холандскиот централен бек на Ѓер, Корнелија Грот, која беше најефикасна во финалето со осум погодоци. Кристина Неагу, лев бек (Букурешт), вторпат е најефикасна во ЛШ со вкупно 109 гола. Најдобрата романска ракометарка првпат ова признание го освои во сезоната 2014/2015, кога реализира 102 гола.