Ветераните ја потврдија класата, младите пред сериозен испит

1451

За нецели три дена видовме две различни лица на македонскиот национален тим во дуелите со светскиот првак: мотивирана и тактички одлично поставена игра предводена од ветераните, која резултира со победа над големиот фаворит, и анемичен и неконкретен напад без конкретни решенија и многу промашени зицер-позиции, во убедливиот пораз против истиот противник на гостински терен

ОД СТРУЧЕН АГОЛ: ПО ИЗИГРАНИ ДВА МЕЧА СО СВЕТСКИОТ РАКОМЕТЕН ПРВАК

Сензационална победа и убедлив пораз е епилогот од двомечот со актуелниот светски шампион Данска, во рамките на мартовските квалификации за пласман на ЕП 2022, предводени (и на теренот и на клупата) од капитенот и селектор Кирил Лазаров. Двомеч за кој селекторот, како што пишувавме и претходно, состави еден шаренолик список на ракометари, во различна фаза од своите кариери и список што треба(ше) да донесе резултат на кратки, но и на долги патеки. Целата на кратки патеки е реализирана, преостанува голема работа за создавање конкурентен национален тим составен од младите играчи.

Повикот на Миркуловски оправдан со исполнување на поставената цел на
кратки патеки

По две години пауза, повторно во строј во националниот тим се врати Филип Миркуловски, и тоа со двојна улога, и како тренер и, што е многу поважно, како диригент на нашата игра во нападот (а богами и во одбраната), покажувајќи уште еднаш дека е од фундаментално значење за нашата селекција и оправдувајќи го изборот на селекторот за исполнување на една од целите, а тоа е пласман на наредното големо натпреварување и продолжување на континуитетот на настапи на големата сцена. На тој начин, уште еднаш се покажа дека Македонија во иднина мора да размислува на сениорскиот национален тим како на селекција што е составена од најдобрите играчи, ракометари што во моментот најдобро би ја претставувале државата и во никој случај не смее да се откаже од услугите на кој било играч, на која било возраст, сѐ додека може да испорача квалитет и да ѝ помогне на репрезентацијата.
Од она што го видовме на овие два натпревари, можеме да констатираме дека во Скопје, на првиот натпревар, каде што Македонија ја забележа најголемата победа во историјата на македонскиот национален тим, настапи со играчи од „сегашноста“, прекалени репрезентативци, некои од нив ветерани предводени од Лазаров, а во Алборг, доживувајќи тежок пораз од домаќинот, националниот тим беше составен од играчи што се „иднината“ на македонскиот ракомет на кратки и на подолги патеки. Тоа е реалноста на нашата најуспешна национална селекција, а тоа ќе биде сериозна задача на која треба да ѝ се посветат селекторот и неговиот стручен тим.

Одбраната со „стари“ актери, но со нов лик и филозофија

Она што можеме да го издвоиме на овие два меча со Данска, а што е секако позитивно, е промената што е направена во фаза на одбраната, каде што во недостиг од време за уигрување, Македонија настапи само со една алтернатива, во зоната 6-0, која по инструкции на стручниот штаб беше плитка, максимално мотивирана, агресивна и насочена кон создавање густина таму каде што е топката, со минимизирање на делот на контакт-играта. Имајќи предвид дека опциите (кои стручниот штаб ги селектира) на играчи што може да покријат на позициите 3 и 4 беа ограничени и се сведуваа на Маркоски, Талески и на младиот Младеновиќ, и имајќи предвид дека Маркоски нема подвижност, а Талески нема габарит за дуел-игра, нашиот стручен штаб постави и повеќе од солидна одбранбена формација, која даде резултат (секако, потпомогната од феноменалниот Митревски на голот), особено на првиот дуел, иако и на мечот во Алборг нашата зона не беше порозна. Што се однесува до другите позиции од зоната 6-0, играта во одбрана во иднина ќе му дава предност на Велковски да минува повеќе минути во игра, а селекторот ќе мора да смета на (во моментов) повредениот Маџовски на лево крило како алтернатива на позицијата петка во ситуација кога Кузмановски треба да биде прва виолина во нашиот напад и треба да се одржи свеж во текот на мечот. Имајќи го превид влијанието на шпанскиот ракомет врз селекторот и врз филозофијата што ја наметнува тој во делот на одбраната, за очекување е во иднина нашиот национален тим во зоната 5-1 да има алтернативна зона. Но за тоа е потребно време, кое во овие квалификации нашиот стручен штаб го немаше, а, од друга страна, таа зона бара специфично решение за многу чувствителната позиција на преден играч.

Транзицијата ставена на дневен ред, во иднина
треба да се надградува

Позитивен исчекор напред има и во транзицијата од одбрана во напад, карактеристика што во минатото од повеќе причини не ја користевме, посветувајќи му внимание и давајќи му важност на овој сегмент од играта како неопходност за „пополнување“ на квотата на погодоци на еден натпревар неопходна за доаѓање до позитивен резултат. Очекувано, главна улога во овој сегмент имаше предводникот на новиот бран репрезентативци, Филип Кузмановски, иако од бековите, и Велковски и Талески покажаа дека можат да се наттрчуваат со играчи од „голем калибар“. Но, да бидеме реални, ваквиот начин на функционирање од една страна бара квантитет на играчи со солидна техничка, но и физичка поткрепа, што во моментов (не сметајќи ги ветераните) Македонија ги нема, барем не во генерациите 1996 и 1998, а од друга страна бара континуитет на квалитетна одбрана (на чело со голманите) и повеќе опции на централните позиции во одбранбените зони.

Нападот во иднина со шпанска филозофија на дејствување и 7-6 како
алтернатива

Најголема разлика во квалитетот, компарирајќи ги натпреварите во Скопје и во Алборг, македонскиот национален тим забележа во фазата на напад и можеме да констатираме дека тоа е сегментот на кој во иднина се очекува да му се посвети најголемо внимание, имајќи предвид дека во ерата по Миркуловски, Лазаров и Стоилов, Македонија ќе се соочи со сериозна дупка во квалитетни носители на играта. Претходно, во моите текстови го најавив Кузмановски како иден лидер на тимот во напад, и тоа е реалноста, но очигледно дека во моментов уште не е на нивото од своите поискусни соиграчи (или, ако сакаме, тренери).
Во нападот, на овие два меча видовме доста промени во пристапот, без разлика на зоната што ја имаше поставено противникот. Од една страна се чувствува „шпанскиот шмек“ на организирање на нападот со развлекување на зоната (или предниот играч на 5-1) на една страна, овозможувајќи ѝ на другата страна игра „два на два“ или „еден на еден“, врз основа на тоа каде се наоѓа пивотот во зоната на противникот. Филозофија што бара време, бара исклучителна техничка подготвеност и дисциплина, бара суперквалитетен пивотмен, но, што е уште поважно, бара дуел-играчи што ќе можат „да решат“ еден на еден и да направат ситуација за реализација или проигрување. Во моментов Македонија има недостиг од такви играчи, а тоа беше особено впечатливо на вториот дуел, каде што ги немаше Миркуловски да одигра еден на еден на широк простор и капитенот да одигра два на два со пивотите. Токму затоа, покрај лидерот Кузмановски, на поширокиот список од 23 играчи се најдоа и млади играчи, како Игор Ѓоргиев, среден бек со солидна висина и добра промена на правец, со преглед на игра и организаторски способности, играч што и во Данска покажа дека во иднина може да се смета. Тука се и Дејан Кукуловски, кој во моментов е повреден, Танкоски, кој мора повеќе да учествува во играта на Еурофарм Пелистер и да го промени начинот на игра, и Карапалески, кој покажа квалитет, но, за жал, многу малку време поминува на теренот во дресот на шампионот Вардар.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од друга страна, алтернативата напаѓачка формација 7-6 се покажа како одлично решение, но исклучиво во ситуација кога во нападот ги имаме Лазаров и Миркуловски, одлично дополнети од Кузмановски. За разлика од Скопје, каде што Кузмановски и Миркуловски одлично ги користеа „вишокот“ играч и пукантините на зоната на противникот на страничните позиции, а Лазаров ја торпедираше плитко поставената зона, во Алборг видовме дека Талески нема предиспозиции за игра 7-6. Во тој сегмент, стручниот штаб ќе мора да бара друг играч да ја комплетира формацијата на бекови, составена од Кузмановски, Велковски, па и Серафимов, кој на дуелите со светскиот првак не доби многу шанса.
Да резимираме, Македонија во четвртокот во Скопје направи сензација, која ретко кој ја очекуваше, и се надмина себеси во секој сегмент од ракометната игра, впрочем на друг начин и не можеш да го „добиеш“ светскиот првак. Кирил Лазаров очигледно има одврзани раце за создавање нова генерација, која ќе продолжи таму каде што застана неговата генерација, но и да биде подобра. Составен е стручен штаб, најголем и најзвучен досега, дополнет со логистика на физио и тренер за физичка подготовка и видеоаналитичар. Создаден е „базен“ од играчи што претендираат, ќе бидат потребни доста турнири и почести собири за да може да се наметне филозофијата што владее моментно во светот на ракометот, а доаѓа од Шпанија.

Останува да се надеваме дека младите играчи што беа на овој собир, некои од нив првпат во сениорската селекција, „украдоа“ дел од тоа што се вика однос кон националниот дрес од Миркуловски, кој иако веќе две години има ограничена минутажа во својот клуб и полека влегува во тренерски води, и покрај тоа што, веројатно беше повикан да помогне, на 10-15 минути по натпревар, против најдобриот национален тим на денешницата помина повеќе од едно полувреме на терен и испорача квалитет на високо ниво. Всушност, задача на Јоновски, Миркуловски, Ангеловски и секако на Лазаров е од самиот старт да се наметне една атмосфера што ќе продуцира високо чувство на припадност, чест да се биде дел од одбрана група играчи, самосвест за претставување на државата во меѓународни рамки, а сето тоа во позитивна конотација канализирно на терен, како дополнување на спортскиот квалитет, кој е неминовен. Но многу често тука не зборуваме за моментната физичка, тактичка или техничка (не)подготвеност, се работи за односот кон спортот, кон животот, кон блиските, односот кон себеси и за односот кон дресот на нашата Македонија.
За ракометот да остане најуспешен спорт во Македонија.

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и ракометен аналитичар