Велковски: Очекувам силна борба за вицешампионската титула

190
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ни недостигаа искуство и спортска среќа за да бидеме повисоко од ова што сме сега. Ако Металург го задржи овој курс со младите играчи, следните сезони ќе бидат многу поуспешни од годинашната. Тоа беше и нашата цел во почетокот на сезоната – да создадеме млад тим што ќе биде конкурентен во европските натпреварувања, вели капитенот на Металург, Мартин Велковски, кој заздравува од повредата на Ахиловата тетива

Капитенот на Металург и репрезентативен десен бек Мартин Велковски одлично закрепнува по операцијата на Ахиловата тетива, која ја скина на натпреварот од 8-то коло од Лигата на шампионите со турскиот првак Бешикташ. Со оглед на тоа што за комплетна рехабилитација на повредата на Велковски се потребни повеќе од шест месеци, металурзите нема да можат да сметаат на Велковски до крајот на сезонава.

– Операцијата помина одлично, благодарение на лекарскиот тим на „Ре-медика“, предводен од доктор Димитар Споа, кој одлично си ја заврши работата, и можам да кажам дека одлично напредува мојата рехабилитација. Кога се работи за повреда на тетивата, мора да се биде трпелив и претпазлив, затоа одиме чекор по чекор и се надевам на успешно заздравување, кое ќе ми овозможи сигурен чекор на теренот.

Според кажувањата од претходни искуства на докторите, паузата за рехабилитација на повреда како мојата може да биде меѓу шест месеци и една година. Затоа не знам кога точно ќе се вратам на терен, времето ќе покаже. Засега сѐ оди според планот – вели Велковски.

Покрај тоа што пропушти голем дел од натпреварите на Металург, Велковски го пропушти и настапот за националниот тим на Светското првенство во Германија и во Данска.

– За време на СП бев на рехабилитација во Даруварски Топлици и со големо внимание ги следев мечевите, особено на нашата репрезентација. Од другите селекции, најголем впечаток ми остави доминантната и цврста игра на Данска, која заслужено го освои златниот медал – вели капитенот на Металург.

Металург сезонава ја имаше најмладата по возраст екипа во двете меѓународни натпреварувања и во голем дел од натпреварите младите металурзи одлично парираа на терен со многу посилните и поискусни европски тимови.

– Ниту еден од нашите противници не дојде лесно до победата. Во најголем дел од натпреварите бевме рамноправни со многу поискусни и поквалитетни тимови од нас. Ни недостигаа искуство и спортска среќа за да бидеме повисоко од ова што сме сега. Доколку Металург го задржи овој курс со младите играчи, мислам дека следните сезони ќе бидат многу поуспешни од годинашната, бидејќи тоа беше и нашата цел во почетокот на сезоната, да создадеме млад тим што ќе биде конкурентен во европските и во регионалните натпреварувања – рече Велковски.

Следниот викенд почнува плејофот во домашното првенство, во кој Металург заедно со Вардар, Еурофарм, Пелистер, Пролет и Бутел ќе игра за титулата.

– Македонското првенство одамна немало ваква силна конкуренција. Факт е дека Вардар повторно ќе заврши на врвот, но очекувам доста силна борба за вицешампионската позиција, во која главен ривал на Металург ќе биде екипата на Еурофарм, која годинава со многу амбиции вложуваше во составувањето на тимот што ќе се бори за висок пласман. Нѐ очекува интересен плејоф, во кој се надевам дека Металург нема многу да се намачи за да стигне до посакуваната вицешампионска позиција – рече Велковски.


Почнува плејофот

Еурофарм, Пелистер, Пролет и Бутел се четирите екипи што завршија со најдобар пласман по одигрувањето на последното, 18-то коло во машката Суперлига, и кои заедно со Металург и со Вардар ќе играат за 27-та титула ракометен првак на Македонија. Утре во просториите на Ракометната федерација на Македонија ќе бидат извлечени натпреварувачките броеви и ќе биде утврден распоредот, по кој следниот викенд ќе продолжи трката за двете највисоки места на табелата што носат места во Лигата на шампионите (шампионот) и Лигата на Европа (вицешампионот) и во Регионалната лига. Екипите на третото и на четвртото место ќе добијат место во куповите на ЕХФ.
Улогата на бранител на титулата ја имаат ракометарите на Вардар, кои четири сезони по ред го имаат врвот на табелата. Во борбата за опстанок во лигата ќе разигруваат екипите што во досегашниот тек од сезоната се пласираа од петтото до 10-то место на табелата – Охрид, Струга, Радовиш, Вардар јуниор, Прилеп и Борец. За разлика од плејофот, каде што сите екипи почнуваат без бодови, во плејаутот екипите ќе ги пренесат бодовите од меѓусебните дуели. Па, така, Охрид ќе пренесе 27 бода, Струга 25, Радовиш 18, Вардар јуниор 12, Прилеп 10 и Борец нула. Последнопласираниот тим ќе испадне во Првата лига, а претпоследниот ќе игра бараж со второпласираната екипа од Првата лига. 

tanja.d@novamakedonija.com.mk