Вардар тргнува кон нов фајналфор

375

Македонскиот првак утре го пречекува Сегед во првиот меч од четврт-финалето на Лигата на шампионите

Ракометарите на Вардар утре (20 часот) во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје треба да го одиграат последниот меч сезонава во Лигата на шампионите пред својата публика, против унгарски Сегед во првиот меч од четврт-финалето сезонава.

– Ова е најважниот меч за нас сезонава. Можеби последен натпревар во Лигата на шампионите на овој Вардар каков што го знаеме, по најавата на Сергеј Самсоненко. Сепак, тоа во моментов е оставено на страна. Знаеме колку е важен овој двомеч со Сегед, во кој Унгарците ја имаат улогата на фаворит. Ќе дадеме сѐ од себе и пред полна сала да победиме и да бидеме чекор поблиску до пласманот на завршниот турнир во Келн. Наш најголем хендикеп во моментов е кратката клупа, но верувам дека ќе имаме сила да одиграме добар меч, ќе дадеме сѐ од себе за да го прикажеме најдобро што го знаеме, а потоа ќе имаме доволно време за одмор за реваншот – изјави капитенот Стојанче Стоилов.

Тешка задача во пресрет на утрешниот дуел ќе има и тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо.

– Се трудиме да бидеме фокусирани само на натпреварот. Сигурно дека минатиот викенд не беше добар за никого, но јас и играчите моментно размислуваме само како да одиграме и како да го победиме Сегед. Мора да тргнеме сѐ зад себе и да мислиме на мечот. Ова се четвртфинални мечеви и ако сакаме да одиме во Келн мора да победиме. Со оглед на тоа што Сегед зад себе има одлична сезона, сигурен сум дека со нас ќе сакаат да го одиграат своето најдобро издание. Но и ние се подготвуваме за нив и ќе се обидеме да одиграме нешто ново. Ова беше тешка недела за работа, но ќе се обидуваме да одиграме максимално со Сегед – изјави Парондо.

За Сегед настапуваат поранешните вардарци Жоан Канелас и Хорхе Македа. Со денешните дуели Фленсбург – Веспрем (19 ч.) и Нант – Барселона (20.45 ч.) почнаа првите четвртфинални дуели во ЛШ, а со саботниот дуел помеѓу Киелце и ПСЖ (18 ч.) ќе се комплетира првата четвртфинална фаза.