Вардар со јасна цел – вторпат да се победи во ЛШ

821

Оваа генерација на Вардар освои сѐ што можеше да се освои, но сега сакаме уште еден успех за крај. Повторно да го освоиме пехарот и разделбата за повеќето играчи да биде шампионска, вели вардaровото крило Чупиќ

Сѐ уште навираат сеќавањата од минатата година кога во арената „Ланксес“ во германскиот град Келн, Иван Чупиќ на две секунди до крајот го постигна толку посакуваниот и победнички гол (24-23) против француски ПСЖ, погодок што на Вардар, првпат во неговата ракометна историја, му ја донесе шампионската титула во најелитното клупско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ). Сѐ уште не се избледени ниту миговите на големиот славенички пречек пред многуилјадниот народ во Скопје, а викендов истата слика може да се повтори. Ракометниот спектакл наречен завршен фајналфор во ЛШ може да почне, а црвено-црните (Штербик, Циндриќ, Дибиров, Стоилов, Карачиќ, Чупиќ, Македа, Борозан, Кристопанс, Кањелас, Мораеш, Шишкарев, Абутовиќ, Марсениќ и другите), предводени од тренерот Раул Гонзалес, ќе се обидат вторпат да дојдат до посакуваниот трофеј, во второто учество во низа на завршниот турнир во Келн. Иста цел, да се искачат највисоко на победничкиот трон, како и Вардар, имаат и трите француски екипи, ПСЖ, Монпелје и дебитантот Нант, во чии редови игра и најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров.

Црвено-црната клупската сензација од лани, која успеа да ја елиминира Барселона во полуфиналето и во финалето да го совлада ПСЖ, со евентуален нов успех, ќе биде првата екипа на која ѝ успеало да го одбрани трофејот во ЛШ, откако се игра според сегашниот модел, фајналфор. На тој пат на Вардар му стојат две пречки, првата е амбициозниот Монпелје (денес 18 ч., пренос на МТВ), а ако биде успешно мината, тогаш утре, во големото финале (18 ч., пренос на МТВ), ќе игра со победникот од денешното прво полуфинале помеѓу ПСЖ и Нант (15.15 ч.). Мечот за третото место се игра утре (15.15 ч.).

– Монпелје е еднакво опасен како и ПСЖ. Играат одличен ракомет, агресивно во одбраната, а брзо и непредвидливо во нападот. Па не случајно ги елиминираа Барселона и Фленсбург. Свесни сме дека ќе ни биде многу тешко во полуфиналето. Знам дека моето име може да биде запишано во историјата како играч што трипати во низа ја освојувал ЛШ. Сепак, мене приоритет ми е тимот, така било отсекогаш и би бил посреќен ако Вардар стане прв тим што ќе ја одбрани титулата, отколку мојот личен дострел. Оваа генерација на Вардар освои сѐ што можеше да се освои, но сега сакаме уште еден успех за крај. Уште еднаш да го кренеме пехарот во ЛШ и разделбата за повеќето играчи да биде шампионска – оптимист е Иван Чупиќ, десното крило на Вардар, кој на ланското финале во ЛШ, на две секунди пред крајот на средбата го постигна победоносниот гол против фаворизираниот ПСЖ.
Сите четири екипи од четвртокот се во Келн и веќе ги одработија првите полесни тренинзи. За разлика од лани, кога вардарци беа без поддршката од своите навивачи, „Комити“, овој пат ќе ја имаат, а во Келн се очекуваат да пристигнат и Македонци што живеат во повеќе градови во Германија.

– Лани во финалниот меч, главната причина за победата на Вардар, беше фантастичната поддршка на нивните навивачи. Без конкуренција, Вардар ги имаше најгласните навивачи, но годинава ќе биде интересно да се види дали неутралните навивачи, ќе навиваат повеќе за ПСЖ или за Нант, каде што настапува мојот сонародник Доминик Клајн – вели германскиот интернационалец во ПСЖ, левото крило Уве Генсхајмер.
Публиката во арената „Ланксес“, викендов ќе има можност да види дури 41 интернационалец од 21 држава, кои ќе настапат распределени во четири клуба. Најмногу интернационалци има во Вардар (15), потоа во Монпелје (10) и по осум во Нант и ПСЖ. Од нив шест се Шпанци, пет Хрвати, четворица Срби, по двајца од Русија, Норвешка, Германија, Данска, Црна Гора, Италија, Швајцарија, Тунис и по еден од Македонија, БиХ, Унгарија, Шведска, Словенија, Египет, Аргентина, Литванија, Бразил и Летонија.


Карабатиќ по четвртиот трофеј

Монпелје (2003), Кил (2007), Барселона (2015) се клубовите со кои централниот француски бек и сегашен играч на ПСЖ, Никола Карабатиќ го подигнал славеничкиот пехар во ЛШ. Ако тоа му успее годинава, ќе биде прв ракометар кому тоа му успеало четирипати со четири различни екипи. Тоа не му успеа во 2016 (трето место) и лани (второ место).


Лазаров шести пат на фајналфор

Капитенот на македонската репрезентација, леворакиот бомбардер, Кирил Лазаров, годинава во Келн со Нант, ќе стане првиот играч што настапил на завршен турнир со четири различни екипи, на своето шесто учество што е историско постигнување. Лазаров првпат настапил на фајналфорот во 2011 со Сиудад Реал, а потоа со Атлетико Мадрид и со Барселона, сите шпански клубови.