Вардар по петти пат го подигна славеничкиот пехар во РЛ

239

Ракометарите на македонскиот првак Вардар по петти пат (третпат во низа), триумфираа во Регионалната лига (РЛ), откако вечерва во големото финале, во салата „Викторија“ во белорускиот град Брест, го совладаа хрватскиот првак Загреб со 26-23. Ова за скопјани беше вкупно седмо финале, а досега двапати беше втор и еднаш трет, што го прави и најуспешен клуб во оваа конкуренција. Со овој последен успех, избраниците на тренерот Роберто Парондо, всушност и ја одбранија ланската титула, кога славеа во Скопје со 26-24. Загреб пак, само еднаш триумфирал (2013), еднаш бил втор и дури четирипати трет. Во борбата за третото место, домаќинот Мешков го совлада хрватски Нексе со 24-19, што е втор ваков резултат на Брест.

Црвено-црните потешко од очекуваното го добија првото полувреме со два гола предност (14-12). Загрепчани први поведоа и до 13-та минута ја имаа иницијативата, која беше најизразена во 12-та минута, со водство од 7-4. Но, потоа скопјани со три гола за две минути успеаја да израмнат на 7-7. а во 21-та минута и за првпат да поведат со 11-10 со голот на левото крило Тимур Дибиров, додека најголемата предност од три гола (14-11), беше видена во 30-та минута, повторно преку Дибиров.

Вардаровиот лев бек Кристијан Дисингер во 30-та минута поради груб страт врз него од страна на Грегор Поточник, кој патем доби црвен картон, мораше да го напушти теренот (повреда на левата рака). Кај Вардар пак, црвен картон заработи пикерот Рожерио Мораеш. Во вториот дел им се придружи и Хрватот Давид Мандиќ поради три исклучувања.

Загреб брзо израмни во вториот дел на 14-14 и тоа беше се што направија што се однесува до евентуално ново водство. Вардар постепено го засили темпото, почна да игра поагресивно во одбраната, а во нападот беше далеку поефикасен, што резултираше и со најголемата предност од пет гола видена во 53-та минута (24-19), со голот на десниот бек Данаис Кристопанс. Потоа следеше период на неповрзана игра на вардарци што резултираше Загреб да намали на гол 924-23), но сепак немаше сила за целосен пресврт.

Најефикасни кај вардарци беа Кристопанс со седум гола, додека Сташ Скубе и Дибиров реализираа по пет, а кај противникот Лука Мраковчиќ со четири гола. Голманот на Вардар имаше девет одбрани од 30 удари.

Г.И.