Вардар поразен од Киелце во ЛШ

108

Ракометениот шампион на Македонија и на Европа, скопски Вардар повторно претрпе висок пораз во Лигата на шампионите. Вардарци загубија со 35-25 на гостувањето во Полска, против тимот на Киелце.

Проблемите со повреди на ракометарите на Вардар и тенката клупа се чини беа пресудни за убедливиот пораз во Полска. Киелце од самиот почеток поведе и не го испушти водството се до крајот.

По воведните 6-3, 8-5, со истата разлика од 3 гола Киелце отиде на полувреме, резултатот на паузата беше 17-14.

Иако навивачите на „црвено-црните“ се уште имаа надеж дека може да се направи чудо и да се избори поволен резултат, сепак Киелце влегуваше во ритам, ги користеше грешките на противникот, па а средината на второто полувреме стигна и до +5, 21-16.

Како се ближеше крајот на мечот, Вардар го губеше здивот, товарот паѓаше на неколкумина, па на 10 минути до крајот, полскиот шампион стигна до тогаш највисоки +7, 27-20.

До крајот Киелце рутински го приведе мечот, за конечни 35-25.
Во победничката екипа најпрецизни беа Карачиќ и Каралек со по 6 гола, а голманот Волф го заврши мечот со 13 одбрани.

Кај Вардар – Дибиров постигна 8 гола, Скубе реализираше 6, а капитенот Стојанче Стоилов мечот го заврши со 5 постигнати гола.

Во меч од истата група во ЛШ, Веспрем на домашен терен немаше проблеми со тимот на Мешков Брест. Унгарскиот состав победи со 31-25.