Вардар од соништата, Загреб потопен дома

548

Ракометарите на македонскиот првак Вардар, вечерва во арената „Загреб“ (7.836 гледачи), во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите (ЛШ), го декласира со 27-18, двојниот европски првак (1992, 1993) и 27-кратен шампион на Хрватска, екипата на Загреб и со предност од девет гола се враќа во Скопје, каде на 30 март е закажан реванш-дуелот. Поуспешниот од овој двомеч во четврт-финалето ќе ги одмери силите со подобриот од дуелот помеѓу унгарски Сегед и полска Висла.

Црвено-црните убедливо го добија првото полувреме со осум гола предност (14-6). Со трите почетни гола на десниот бек Даинис Кристопанс, поведоа со 3-0, додека домашните првиот гол го реализираа дури во 7-та минута. Вардар продолжи со одлична игра како во одбраната така и во нападот, па во 14-та миунута со голот на левиот бек Игор Карачиќ, за првпат зголеми на плус четири (7-3), а со серија од четири погодоци во низа (Кристопанс, Рожерио Мораеш, Карачиќ и Иван Чупиќ) и на седум разлика (27 мин.). Со последниот гол на пикерот Рожерио Мораеш, Вардар ја оствари најголемата предност за скопјани од осум гола (14-6), по што со резултат од соништата се замина на одмор. Одличен на голот кај вардарци во овој дел беше Дејан Милосављев со седум одбрани.

Во вториот дел вардарци само ја продолжија доминацијата по сите линиии од играта, а Загреб и понатаму остана само бледа сенка на теренот. Скопјани најголемата предност од 11 гола ја остварија во 53-та минута (26-15), преку десното крило Мартин Поповски, но во финишот Загреб успеа да ја намали негатива на девет гола. Со овој триумф во еден правец, Вардар практично е на чекор до посакуваното четврт-финале.

Најефикасни кај феноменалниот Вардар беа Карачиќ и Кристопанс со по пет гола од шест обида, додека кај загрепчани Давид Мандиќ со пет гола од седум обида. Милосављев беше брилијантен на голот со вкупно 15 успешни интервенции.

Вардар и Загреб досега во ЛШ се сретнале девет пати, а резултатот е нерешен, и двете екипи имаат по четири победи, а еден дуел завршил без победник.