Вардар исчекори кон Келн

801

Среќни сме за победата. Кил има многу добар тренер и добри ракометари и верувам дека и во Скопје ќе биде исто така тешко, бидејќи Кил има квалитет и може да победи на гости, изјави Гонзалес, тренерот на Вардар, по победата со 29-28, на гости, во првиот меч од четврт-финалето на ЛШ

Ракометарите на Вардар направија голем чекор кон пласман на вториот по ред фајнал-фор, победувајќи го на гости германскиот гигант Кил со 29-28 (14-12) во првиот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите (ЛШ). Во првите средби на гости победи и ПСЖ (34-28 над Киелце), дома славеше Нант на Кирил Лазаров (над Скјерн со 33-27), а ремизираа Фленсбург и Монпелје (28-28).

Избраниците на тренерот Раул Гонзалес доста добро ја контролираа играта во првото полувреме, одбраната им беше на потребното ниво, а и нападот лесно стигнуваше во позиција за гол. Работите целосно се изменија во продолжението од мечот, кое донесе многу подобра, поангажирана и поборбена игра на германскиот состав, во кој диригентската палка на нападот ја презеде брзоногиот Словенец Миха Зарабец, кој со многубројните проигрувања и неколкуте реализации ја разниша играта на вардарци, а неколкуте врзани интервенции на Никлас Ландин помогнаа Германците да направат пресврт од плус три гола. По црвениот аларм, вардарци се консолидираа, израмнија и со гол во последната секунда славеа значајна победа пред неделниот реванш во Скопје.

– Среќни сме за победата, бидејќи беше исклучително тешко да се игра во ваква атмосфера. Многу добро го почнавме натпреварот, одбраната беше одлична, а и неколкуте реализирани контри многу ни помогнаа. Во вториот дел ни се случи мал пад, но имавме среќа и забележавме победа. Кил има многу добар тренер и добри играчи и верувам дека и во Скопје ќе биде исто така тешко, бидејќи Кил има квалитет и може да победи на гости – изјави Гонзалес.

Вардарци беа најопасни од линијата од шест метри, од каде што Стојанче Стоилов и Рожерио Мораеш постигнаа по пет гола, а од седмерец пет пати непогрешлив беше Иван Чупиќ. Најсветла точка во германскиот состав беше голманот Никлас Ландин со 14 интервенции (10 во второто полувреме). За Вардар ова беше четврта гостинска победа сезонава, а за Кил петти пораз дома.
Вардарци сезонава не загубиле меч на домашен терен, а без пораз пред својата публика се вкупно една година и седум месеци. Во изминатите четири сезони откако вардарци континуирано играат во елиминациските фази во ЛШ (од осминафинале), пораз дома претрпеле двапати, и тоа двапати во четврт-финалето (сезона 2014/2015 од Киелце со 20-22, а 2015/2016 од Веспрем со 26-29). Последниве десет сезони, Кил само двапати бил елиминиран во четврт-финалето (2010/2011 и 2016/2017), двапати од Барселона.