Вардарци заборавија да даваат голови – висок пораз од Кил

227
Фото: Дарко Андоновски

Ракометарите на актуелниот европски и македонски првак Вардар, по трите победи во низа, го доживеаја првиот пораз во рамките на 4-то коло во годинашната Лига на шампионите (ЛШ). Во Скопје и тоа мошне убедливо со 31-20 славеше поранешниот трикратен европски првак германски Кил.

Мечот практично беше решен во првото полувреме кога црвено-црните постигнаа неверојатни четири гола (Чупиќ, Кристопанс, Дибиров, Шишкарев), а примија дури 16, односно се замина на одмор со негатива од 12 погодоци! На голот на Кил беше несовладливиот дански голман Никлас Ландин, кој имаше девет успешни интервенции во првите 20 минути, а вардарци првиот гол го постигнаа дури во 11-та минута и тоа од седум метри откако губеа со 0-4, а до крајот дадоа уште еден од пенал.

Затоа пак, гостите со цврста и истурена одбрана тешко му дозволуваа на Вардар, кој играше неповрзано и со многу промашени зицери, да се приближи до својот гол, а во нападот ги користеа сите пукнатини во противничката одбрана. За тоа говори и фактот што скопјани за 30 минути игра имаа дадено 4 гола од 19 удари, а Германците 16 од 25 шута.

Во второто полувреме пак, варадци за четири минути постигнаа четири гола, колку што дадоа во текот на целото прво полувреме, сепак разликата беше преголема да се направи некое чудо на теренот. Се што направија е да ја намалат разликата на пет гола (18-13) во 49-та минута преку Даинис Кристопанс.

Најефикасен кај Вардар беше Тимур Дибиров со пет гола, а кај Кил Домагој Дувњак и Хендрик Пекелер со по шест гола. Голманот на Вардар, Калифа Гедман, кој патем даде и два гола, имаше пет одбрани, а кај гостите Ландин 14.

По ова коло во групата Б на врвот изби Кил со седум бода, додека Вардар по поразот остана на своите шест. Во следното коло (10 октомври), Вардар го очекува тешко гостување кај унгарски Веспрем. Г.И.