Брестовац: Турнирот многу ни помогна во кревањето на нивото на играта

259

Учеството на овој турнир е вистинското нешто за нас како селекција во момент кога се подготвуваме за претстојното Светско првенство на кое сме домаќини, вели Брестовац за настапот на меѓународниот турнир „Ракометот е мојата иднина“, во Бугојно

Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија по одличната серија од две доминантни победи, над Србија со 35-26 и против Швајцарија со 33-22, не успеа да слави и над Словенија во полуфиналето и да обезбеди пласман во финалето на седмиот традиционален меѓународен турнир „Ракометот е мојата иднина“, во Бугојно, Босна и Херцеговина, во организација на Катарската ракометна федерација.

По лошите 40 минути од дуелот со Словенија во кои Македонија губеше со 24-14 избраниците на Данило Брестовац се воздигнаа како феникс и успеаја да направат серија од 11-2 и да стигнат само на еден гол негатива, 26-25 на две минути пред крајот на натпреварот. Но, концентрацијата и среќата не беа на нивна страна. Македонските ракометни надежи во завршните две минути не успеаја да реализираат дури четири напади во низа, кои можеа да им донесат и реми и победа. По сѐ, вчера играа во мечот за третото место, одново со селекцијата на Германија, која во воведниот меч на турнирот славеше над Македонија со 31-24.

– Учеството на овој турнир е вистинското нешто за нас како селекција во момент кога се подготвуваме за претстојното Светско првенство на кое сме домаќини. Овој турнир многу ни помогна во кревањето на нивото на играта и да добиеме драгоцено искуство. Покажавме карактер, покажавме дека можеме да играме со големи репрезентации и дека можеме да ги победуваме. Сметам дека на оваа генерација ракометари местото ѝ е во дивизијата А – изјави селекторот Брестовац во пресрет на мечот за трето место на турнирот.

Место во финалето на седмото издание на кадетскиот турнир во Бугојно обезбедија Словенија и Полска. Претходно, во мечот од групната фаза во групата Б, Словенија славеше над Полска со 35-28.

Во разигрувањата за седмото место се сретнаа Швајцарија и Катар, а за петтото место играа БиХ и Србија.