Брестовац: Тешко може Исланд да нѐ изненади

407
Фото: Игор Бансколиев

Ние самите сме си главни непријатели. Ако бидеме сериозни и ако добро се подготвиме и ја изанализираме нивната игра, верувам дека со добра, агресивна и со цврста одбрана можеме да стигнеме до успех, рече селекторот пред двата меча со Исланд неделава во квалификациите за ЕП 2020

Новиот селектор на македонската машка ракометна репрезентација Данило Брестовац вчера попладне ги одржа првата прозивка и првиот тренинг со македонските репрезентативци на кои ќе смета во двата квалификациски натпревари со Исланд, за пласман на Европското првенство во 2020 година во Норвешка и во Данска.

– Со оглед на времето што го имаме, немаме простор за корекција и за промена на играта за првиот меч со Исланд. Промени или корекции ќе се обидеме да направиме за реваншот в недела. Со Исланд имаме долгогодишно меѓусебно искуство и тешко дека ќе може да нѐ изненади. Ние самите сме си главни „непријатели“. Ако бидеме сериозни и ако добро се подготвиме и ја изанализираме нивната игра, верувам дека со добра, агресивна и со цврста одбрана можеме да стигнеме до успех. Во овој прв меч на гости сакам да се „истепаме“ со нив. Малку од колосек нѐ извади тој несреќен пораз со Грција, но без разлика на сѐ, ние во секој меч ќе одиме на победа. Добро се познаваме и тешко дека можеме нешто меѓусебно да си скриеме или да се изненадиме – изјави Брестовац.

Во пресрет на првиот натпревар, македонските репрезентативци имаа видеоанализа на противникот и одработија еден тренинг во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Вториот тренинг треба да го одработат денеска, по пристигнувањето во Рејкјавик. Првиот меч се игра утре од 21.45 часот, а реваншот е в недела во Скопје (20 ч.).

Во исто време од групата три ќе играат Турција и Грција. По две кола води Исланд со четири бода, пред Македонија и Грција со по два, а Турција е без бодови. На ЕП ќе играат првопласираните две репрезентации од секоја од осумте групи, како и четирите најдобри меѓу третопласираните. Директен пласман на континенталното првенство обезбедија европскиот првак Шпанија и домаќините Норвешка, Шведска и Австрија.


Лазаров: Клучно е да создаваме победнички менталитет

Сите добро се познаваме и мислам дека ќе немаме многу промени во играта, иако имаме нов селектор, кој најави промени во играта. Пред сѐ, нема да играме седум на шест како на СП 2019. Со Исланд имаме одиграно голем број натпревари, во кои и сме победувале и сме губеле. Најсвежо сеќавање ни е оној последен пораз во Минхен, кога бевме доминантни во поголемиот дел од мечот, но загубивме. Она што е клучно е да создаваме победнички менталитет, кој ќе го пренесеме врз младите играчи, кои стануваат дел од овој национален тим. Очекувам два добри меча, во кои се надевам дека ќе освоиме најмалку еден бод, со кој би направиле значаен чекор кон пласманот на ЕП, рече Кирил Лазаров, капитенот на македонската ракометна репрезентација, пред двомечот со Исланд неделава во квалификациите за ЕП 2020.


Талески: Веќе не сме млади ракометари и треба да се наметнуваме како носители на играта

Некако стана традиција да играме со Исланд во квалификациски мечеви. Верувам дека новиот селектор ќе донесе позитивна енергија која ќе биде дополнителен мотив за сите нас, бидејќи овие мечеви ни се многу важни. Доколку не го исполниме нашиот зацртан план, тогаш ќе имаме голем проблем. Веќе не сме млади ракометари и треба да се наметнуваме како носители на играта на тимот. Свесно сме претпазливи пред двомечот со Исланѓаните, бидејќи и на СП видовме дека играат доста добар ракомет, а ние имаме подмладен состав со кој ќе се обидеме да им парираме. Не треба ниту еден противник да потцениме, туку напротив, против секого да имаме максимален фокус и сигурна игра, рече левиот бек Филип Талески, на првиот собир на ракометната репрезентација пред дуелите со Исланд утре во Рејкјавик и в недела во Скопје.