Брестовац: Со текот на времето очекувам уште подобра игра

129
Фото: Игор Бансколиев

Задоволен сум од одиграното и пред сѐ од сработеното во овој краток период, вели Брестовац, тренерот на Металург, по поразот од Вардар со 28-34 во 1-то коло на Регионалната лига

Ракометарите на Вардар ја забележаа 10-та победа, сега со 34-28 (17-15) во македонското регионално дерби со Металург во 1-то коло од осмата сезона во Регионалната лига, но младите металурзи на Данило Брестовац во поголем дел од мечот беа рамноправен ривал, кој му задаваше сериозни проблеми на актуелниот регионален шампион. Со оглед на возраста и искуството што го имаат, ова беше одлично почетно претставување на најмладиот тим сезонава во лигата, а најверојатно и во Лигата на шампионите, кој од натпревар на натпревар се очекува да прикажува уште подобра, поборбена и поколективна игра.

– Задоволен сум од одиграното и пред сѐ од сработеното во овој краток период. Имавме многу осцилации во нашата игра и очекував да биде така, но имаше и добри периоди во кои одлично париравме со играта. Ни недостигаат уште неколку играчи за ротација на бековската линија и на линијата од шест метри, кои верувам дека ќе ги добиеме во периодот што следува. Сепак, ова е почеток на сезоната и само трет натпревар што го одигравме, но со текот на времето очекувам дека ќе се навикнеме едни на други и ќе имаме уште подобра игра – изјави Брестовац.

Металурзите резултатски парираа до втората половина на второто полувреме до моментот кога стратегот на вардарци, Роберто Парондо, побара поагресивна игра во одбраната, променувајќи ја одбранбената формација од 6-0 во 5-1. Таа игра внесе доза несигурност и загубени топки кај Металург, момент што искусните вардарци одлично го искористија за да создадат безбедна предност со која го завршија натпреварот.

Најефикасен во победничкиот состав беше пикерот Рожеиро Фереира со осум гола, а во редовите на Металург прв стрелец беше Халил Јагањац со шест реализации. Во 2-то коло Металург треба да му гостува на белорускиот првак Мешков, а Вардар да му биде домаќин на Железничар од Ниш.