Брестовац на турнир во Скопје ќе ја дооформи кадетската селекција

58
Македонија лани играше против Полска, Србија, Црна Гора Фото: Маја Јаневска-Илиева

На турнирот во декември треба да настапат Србија, БиХ, Бугарија, можеби и Чиле, како и две македонски репрезентации, А и Б

Во периодот од 10 до 13 декември Ракометната федерација на Македонија (РФМ) втора година по ред ќе биде организатор на турнир за кадети што ќе се игра во салата „Автокоманда“ во Скопје. РФМ и минатата година во истиот период беше организатор на кадетски турнир на кој учествуваа селекциите на Унгарија, Полска, Србија, Црна Гора и А и Б-репрезентациите на Македонија.

По настапот на турнирот во Бугарија пред два месеца, каде што македонската селекција на ракометари родени во 2002 и 2003 година го освои првото место, турнирот во Скопје ќе биде втор филтер за селекторот Данило Брестовац во формирањето на селекцијата што налето идната година ќе биде домаќин на шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), од дивизијата Б.

– Турниров ќе го искористиме за да провериме уште неколку ракометари што планираме да ги вклучиме во кадетската селекција од генерацијата 2002/2003, која имаше одличен настап на Балканијадата во Бугарија пред два месеца. Најважно е што базата за оваа селекција ја имаме, сега само ќе го дооформиме и комплетираме тимот што ќе настапи на ЕХФ-шампионатот налето – изјави Брестовац.

За овој турнир Брестовац на располагање ќе има 33 ракометари, кои ќе бидат поделени во две селекции, А и Б, кои ќе играат со селекциите на Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, а официјална потврда за учество се чека од селекцијата на Чиле. За да се изиграат што повеќе натпревари, репрезентациите нема да бидат поделени во групи туку ќе играат секој со секого.