Брестовац: Главниот акцент ќе биде на одбраната

117

Македонија вечерва гостува кај стариот познаник Исланд во 3. коло од квалификациите за пласман на ЕП 2020

Македонската машка ракометна репрезентација денеска (21.15 часот) во Рејкјавик треба да го одигра првиот од двата дуела со селекцијата на Исланд во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година што ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска. Ова ќе биде прв предизвик на новиот селектор Данило Брестовац, кој за денешниот меч со Исланд имаше само два тренинга и видеоанализа за техничко-тактичка подготовка на тимот.

– Главниот акцент на денешниот меч ќе биде на одбраната. А за да ја засилам одбраната се одлучив кон тимот да приклучам двајца добри дефанзивци, Никола Маркоски и Милорад Кукоски, кои покрај тоа што ќе ни помогнат во одбраната, мислам дека делумно можеме да ги искористиме и во нападот. Мислам дека доволно се искусни и квалитетни за да ни помогнат во реализацијата на стратегиските решенија кои ги договаравме со видеоанализите од играта на Исланд – изјави Брестовац.

Македонија и Исланд се стари познаници, од квалификациските и од дуели од групната фаза на големите натпреварувања. Само во последниве две години Македонија и Исланд едни спроти други биле четири пати. Две победи се на страната на Исланд, во квалификациите за пласман на ЕП 2018 (30-29) и на СП годинава (24-22). Македонија беше сигурна во домашниот меч од квалификациите за ЕП 2018 (30-25), а нерешено (27-27) заврши нивниот дуел на СП 2017 во Франција.

Споредбено со составот од СП во јануари годинава, Македонија во својот состав ги нема бековите Филип Лазаров, Филип Чурлевски, Горан Кузмновски и Мартин Серафимов, а нивното место во националниот тим го зазедоа Маркоски, Кукоски и дебитантите, левото крило Бојан Маџовски и десниот бек Томислав Јагуриновски.

Измени има и во составот на Исланд. Во тимот им се врати капитенот, левото крило Гудјон Валур Сигурдсон, кој воедно е најискусниот и најефикасниот Исланѓанец во нивниот состав. Во тимот ги нема левото крило Стефан Сигурмансон од Сегед и исландската ракометна надеж, „новиот Палмарсон“, Гисли Кристијансон, кој поради повреда подолго време е надвор од игра. На неговото место селекторот Гудмундур Гудмундсон му даде шанса на Магнус Магнусон од тимот на Валур, но за време на подготовките се повреди, па неговото место го доби централниот бек на Алборг, Јанус Дади Смарасон.

Меѓу имињата на списокот на Гудмундсон го нема и младото десно крило Один Тор Рикхардсон, така што втора опција зад Арнор Гунарсон ќе биде Сигвалди Гудјонсон, кој играше и на СП 2019. 


На првото ЕП со 24 тима ќе играат и четири третопласирани

Во досегашниот тек од квалификациите за пласман на Европското првенство во ракомет во 2020 година, Исланд е водечки во групата 3 по двете убедливи победи, над Турција со 33-22 и над Грција со 35-21. Македонија е втора со два бода од победата над Турција со 31-27, Грција е трета, исто така со два бода од победата над Македонија со 28-26, а на последната позиција без бодови е Турција.
ЕП 2020 е првото на кое ќе настапат 24 репрезентации, оти до минатото, во 2018 година во Хрватска, играа по 16. Директен пласман на првенството в година имаат домаќините Австрија, Норвешка и Шведска, како и актуелниот шампион Шпанија. Преку квалификациите пласман на ЕП ќе обезбедат по две најдобропласирани селекции од секоја од осумте групи и четирите најдобри меѓу третопласираните.