Брестовац: Вистинско време за селекторски предизвик

186
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов и новиот селектор Данило Брестовац Фото: Игор Бансколиев

Данило Брестовац е 20-от селектор на македонскиот машки ракометен национален состав. Од осамостојувањето на Македонија, на клупата на репрезентацијата имаше 24 селекторски промени, вклучувајќи ја и промената на Раул Гонзалес

Данило Брестовац, тренерот на Металург и селектор на младинската и на кадетската репрезентација на Македонија, од вчера и официјално е селектор на сениорскиот национален ракометен тим на Македонија. Брестовац на функцијата селектор доаѓа по заминувањето на Раул Гонзалес, кој по завршувањето на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска спогодбено ја прекина соработката со Ракометната федерација на Македонија (РФМ).

– Брестовац е нашиот избор за селектор, тој ќе го води сениорскиот состав, но ќе ги координира и активностите со помладите репрезентативни категории. За да не ги нарушуваме неговите клупски обврски во Металург, договорено е тој да продолжи да ја води екипата до крајот на сезоната, а од 31 мај целосно да ѝ се посвети на репрезентацијата. Со оглед на тоа што Брестовац подолг период е селектор на репрезентацијата до 19 години, логично е тој да ја води и на претстојниот Мундијал во август, на кој Македонија ќе биде домаќин – изјави претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

Првиот човек на РФМ најави дека во следните месеци ќе бидат именувани нови селектори на младинските селекции, кои ќе бидат координирани од Брестовац.

– Тој ќе ја има максималната поддршка од нас за вклучување што повеќе македонски тренери што ќе му помогнат на нашиот ракомет да напредува – додаде Мукаетов.

Брестовац е 20-от селектор на македонскиот национален состав. Од осамостојувањето, на клупата на машката ракометна репрезентација имаше 24 селекторски промени, вклучувајќи ја и промената на Гонзалес. На клупата на Македонија досега се променија 20 тренерски имиња, од кои 12 македонски и осум од странство. Селектори на македонската ракометна репрезентација досега беа Славе Атанасовски, Ванчо Јовановски, Ристо Трпчевски, Стевче Стефановски, Цане Крстевски, Драган Здравковски, Љубомир Савески, Стојан Петрушевски, Гино Стрезовски, Илија Темелковски, Звонко Шундовски, Драган Нишевиќ, Зоран Живковиќ, Јошко Петковиќ, Драган Ѓукиќ, Веселин Вујовиќ, Ивица Обрван, Лино Червар и Гонзалес.

– Со РФМ од поодамна соработуваме и мислам дека сега е вистинскиот момент да се нафатам на овој предизвик. Со дел од репрезентативците сум играл, дел од нив сум тренирал и од тие причини сметам дека ќе ми биде полесно да направам фузија на играчите што се во заминување и оние во доаѓање. Ќе се обидам да поправам многу работи во репрезентацијата, кои во неколку неофицијални разговори со челниците на РФМ сме ги детектирале, но срамежливо сме доаѓале до заклучок дека е многу рано за нивна корекција. Сепак, јас би го направил тој чекор, бидејќи сметам дека е дојдено вистинско време за такво нешто. Реално има момци што заслужуваат повеќе минутажа во играта, а досега не ја добивале. Во македонскиот ракомет тешко се доаѓа во ситуација да се замени некој, треба на овие две средби со Исланд да видиме со што располагаме – истакна Брестовац, кој од утре ќе започне разговори со потенцијалните членови на Стручниот штаб.

Тренерската кариера Брестовац ја започна во Металург, пред 10 години, како дел од Ракометната академија на Металург. Тој во 2010 година стана дел од Стручниот штаб на Лино Червар, како тренер на голманите и аналитичар, а паралелно беше тренер и на младинската екипа на Металург од генерацијата 1996-1998. Неговата посветена работа уште тогаш беше забележана од раководството на РФМ, која во 2012 година го ангажира за селектор на кадетската репрезентација на Македонија, а веднаш потоа заедно со назначувањето на Обрван за селектор, Брестовац стана негов помошник во А-селекцијата.

Поведен од амбициозноста за лично усовршување и за учење, пред четири години Брестовац заплива и во интернационалните тренерски води. Почна како помошник-тренер на Обрван во францускиот тим Шамбери, а потоа застана на чело на луксембуршкиот состав Ред бојс Диферданж, со кој стигна до фајнал-форот на Купот на ЕХФ. Од септември 2017 година Брестовац ги презеде младинската и кадетската репрезентација на Македонија, а од август минатата година седна на клупата на Металург. Брестовац и Стевче Алушевски се првите македонски тренери што се стекнаа со т.н. мастер коуч-лиценца.

Ракометната кариера Брестовац ја почнал како голман во Ѓорче Петров, а потоа и во Работнички, Вардар, Тутунски комбинат, Вилфранж од Лион (Франција) и во Металург.