Брестовац: Верувам дека играчите ќе најдат сила и мотив за добар меч со Татран

104
Момент од мечот во Нови Сад

Металург денеска, од 19.30 часот, му гостува на словачкиот првак во 10-то коло од ЛШ

Ракометарите на Металург уште еднаш не успеаја да ја материјализираат добрата игра во првото полувреме и да стигнат до позитивен исход. Војводина славеше со 31-30 во 9-то коло од Регионалната лига, забележувајќи ја четвртата победа, по која бодовно се изедначи со белорускиот првак Мешков.
По перфектните 20 минути на Металург во првото полувреме и предноста од 15-8, ракометарите на српскиот првак се разбудија, па со агресивна игра во одбрана и ефикасна серија од 8-1 фатија резултатски приклучок. Војводина продолжи со исто темпо и во второто полувреме, а неколкуте технички грешки и промашувања го забавија Металург во трката за бодови. Бојан Маџовски го имаше завршниот удар за изедначување, но ја погоди стативата.

– Не знам како ќе ја кренам екипата по натпреварот со Војводина, во кој играчите практично беа претепани. Имавме двајца ракометари со скршен нос, пукната аркада, а на лицето на Александар Шпенде има исеченица од 10 сантиметри. Во ваква ситуација многу ми е тешко да размислувам за денешниот меч со Татран во Лигата на шампионите. Се надевам дека играчите ќе успеат барем малку да се регенерираат и одморат и дека ќе најдат сила и мотив да одиграат добар натпревар во последниот меч од Лигата на шампионите сезонава – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.
Најефикасни металурзи во дуелот со Војводина беа Шпенде со седум, Анте Токиќ со шест и Димитар Димитриоски со пет гола. Најефикасен кај Војводина беше десното крило Милош Грозданиќ, кој реализира осум гола, од кои шест од седмерец.

Металурзите нема да имаат многу време за одмор по мечот со Војводина, бидејќи денеска од 19.30 часот ќе му гостуваат на словачкиот првак Татран во 10-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ). Денешниот нивни меѓусебен дуел ќе биде само формалност, со оглед на тоа што победата не носи никаква резултатска бенефиција, освен престиж. За Словаците шансата за бараж заврши во минатото коло, со поразот од Чеховски Медведи (38-26), а Металург сезонава има само една победа, и тоа во дуелот со Чеховски медведи (25-24). Десниот бек Бруно Буторац (45 гола) и левиот бек Оливер Рабек (35 гола) се двајцата најефикасни ракометари на Татран во ЛШ, а солиден ефект имаат и централниот бек Јануш Лапајне (30 погодоци) и крилата Томас Чип (27 гола) и Мартин Страновски (23 гола).