Без опуштање, во Клуж да се запечати пласманот на СП

113
Фото: Игор Бансколиев

Ќе треба да одиграме многу подобро и помотивирано. Ќе мораме да внимаваме, бидејќи Романија покажа дека воопшто не е наивна селекција. Недозволиво е да ја испуштиме предноста што ја имаме, вели Талески, пред мечот попладнево со Романија, во реваншот од баражот за СП 2019, во кој Македонија влегува со предност од осум гола (32-24)

Македонската машка ракометна репрезентација денеска (17.30 часот, пренос на Телма) во Клуж, Романија, треба да го игра реваншот од баражот за пласман на Светското првенство во Германија и во Данска во 2019 година. Избраниците на селекторот Раул Гонзалес во мечот ќе влезат со предност од осум гола од првиот дуел во Скопје, кој заврши со 32-24 за Македонија.
– Задоволни сме од резултатот и од предноста што ја остваривме во првиот меч со Романија, но не и од играта што ја прикажавме на теренот. Имавме големи пропусти во одбраната, но за среќа на голот го имавме Борко Ристовски, кој бранеше фантастично и ни даде крилја. Факт е дека имаме добар резултат, но не смееме никако да се опуштиме за реваншот. Напротив, ќе треба да одиграме многу подобро и помотивирано. Ќе мораме да внимаваме бидејќи Романија покажа дека воопшто не е наивна селекција. Сега сигурно и подлабоко нѐ анализираат и затоа мора да покажеме максимална сериозност во пристапот на играта. Недозволиво е да ја испуштиме предноста што ја имаме – вели левиот бек Филип Талески.
Според анализите на романските медиуми, за да се запре четата на Гонзалес, главниот акцент романските ракометари ќе треба да го стават на одбраната, која ќе треба да ги задржи македонските пикери Стојанче Стоилов и Жарко Пешевски, кои, според нив, им создале големи проблеми на линијата од шест метри.
– Романија немаше проблем да ги блокира шутевите на Лазаров и на Талески, туку имаше проблем да ги спречи акциите кон пивотите. Стоилов и Пешевски се многу незгодни за чување и јасно е дека Романија повторно ќе има проблеми во одбраната со нив. Двајцата македонски пивоти постигнаа вкупно пет гола, создаваа огромен простор за бековите слободно да шутираат, а изнудија дури седум седмерци – пишува во анализата на романските медиуми.

Романскиот селектор, Шпанецот Чави Пасквал, веднаш по поразот во Скопје истакна дека приказната во баражот за пласман на СП 2019 е завршена за Романија, но, сепак, Романците не престануваат да се надеваат на чудо, а сигурно е дека и Пасквал нема предвреме да капитулира, иако во своите изјави ја величеше македонската репрезентација.
– За нас овој бараж е завршен, а крајниот резултат ја дава вистинската разлика помеѓу двете репрезентации. Се надевам дека ќе ја поправиме сликата во реваншот и ќе успееме да забележиме каква било победа над Македонија, која е меѓу најдобрите во светот – изјави Шпанецот.
Досега пласман на Светското првенство имаат обезбедено Данска, Германија (домаќини), Франција (светски првак), Шпанија (европски првак), Ангола, Египет, Тунис (претставници од Африка), Бахреин, Катар, Саудиска Арабија, Јужна Кореја (претставници од Азија) и Јапонија (вајлд-карта). Со баражите од Европа ќе се пополнат девет места, а со трите првопласирани селекции од Панамериканскиот шампионат ќе се комплетира мундијалската листа.