Аплаузите од публиката поважни од конечниот резултат

253
Марио Танкоски во акција на мечот против Силкеборг Фото: Дарко Андоновски

Во последниот натпревар пред домашната публика во групната фаза во Лигата на шампионите, Металург загуби од дански Силкеборг, со 29-33

Ракометарите на Металург немаа сили за изненадување во дуелот со данскиот вицепрвак Силкеборг, во последниот меч пред домашната публика во Скопје, во Лигата на шампионите (ЛШ). Во мечот од 9-то коло во групната фаза натпревари, избраниците на тренерот Данило Брестовац му дадоа солиден отпор на фаворизираниот Силкеборг, кој триумфира со 33-29 (15-12), забележувајќи ја седмата победа сезонава, со што ја задржа првата позиција на табелата во групата Ц, која носи место во баражот за осминафинале во ЛШ.

– Знаевме колку е квалитетен тимот на Силкеборг и што нѐ очeкува на овој дуел. Мене ми пречи тоа што младите играчи дозволија наплив на нервоза поради некои судиски грешки. Секогаш ги советувам дека нивна задача е максимално да ги одиграат сите 60 минути и да не се дефокусираат поради лошото судење. Мора во иднина да поработиме и на овој проблем, затоа што судењето не смее да влијае врз нашата игра, борбеноста и концентрацијата. Во моментов резултатот не е пресуден за нас, многу поважни ни се аплаузите што ги добивме од публиката за секој постигнат гол, но и за добрата игра во одбраната во одделни делови од мечот – изјави тренерот на Металург, Данило Брестовац.

Според прикажаната игра и борбеноста во овој, но и во изминатите неколку натпревари, повеќе од јасно е дека младиот тим од „Автокоманда“ чекори по вистинскиот пат кон реализирањето на основната цел, создавање добра игра и квалитетни играчи, како за Металург, така и за македонскиот ракомет.

– Некогаш треба стоички да се издржат ваквите натпревари. Се наоѓаме на вистинскиот пат и знаеме дека ќе добиеме добри играчи за во иднина. Би потпишал да ги загубам сите натпревари, само Мартин Серафимов и Томи Јагуриновски, заедно со Мартин Велковски да станат добри играчи и заедно да бидат носители на играта во репрезентацијата, како Кирил Лазаров. Јас сум сигурен дека тројцата наши десни бекови ќе бидат од голема корист за македонскиот ракомет – додаде Брестовац.

Во дуелот со Силкеборг, најефикасни во составот на Металург беа Александар Шпенде со осум и Гонзало Рибеиро со седум погодоци. На спротивната страна осум гола постигна десниот бел Јакоб Ласен, а најзаслужен за победата на данскиот вицепрвак беше словенечкиот голман Алјоша Резар, кој имаше 14 успешни интервенции.

Во последното коло од групната фаза Металург, в сабота (19.30 часот), ќе му гостува на словачкиот првак Татран Прешов.