Академијата на Металург го одржува 13-от летен ракометен камп

140

Кампот на Ракометната академија Металург е еден од најстарите ракометни кампови во Европа, а годинава се одржува со повеќе од 150 деца на терените во Струга

Хотелот „Галеб“ во Струга е годинашното собиралиште на учесниците на кампот на Ракометната академија Металург, кој сезонава го бележи своето 13-то издание. Тој е еден од најстарите ракометни кампови во Европа. Повеќе од 150 деца се дел од ракометното дружење и од забавата на бреговите на Охридско Езеро, што е еден вид награда за одлично одработената сезона во мини-лигата на Металург и на тренинзите преку годината.
Утринските тренинзи децата ги реализираат на отвореното ракометно игралиште во Струга, а во попладневните часови тренинзите се реализираат во училишната сала „Нико Нестор“.
– Задоволство е да се биде дел од најдобрата спортско-забавна дружина на ракометниот камп на Металург, кој и годинава повторно ги собра децата од школите од Скопје и низ Македонија на заедничка ракометна забава, како награда за сработеното и одиграното во изминатите 10 месеци. Горди сме што имаме традиција, која успешно се реализира 13 години и што имаме деца што се желни да учат, да тренираат и да се забавуваат. Насмевката на детските лица е награда за нашиот труд и работа, и причина поради која Металург несебично инвестира во својата иднина и во иднината на македонскиот ракомет – вели Тања Димитриоска, тренерката на школата во скопската населба Аеродром.
Покрај децата од Скопје, дел од камперската екипа на Металург се и децата од школата Торо Спорт од Виница, која сезонава со момчињата од генерацијата 2004/2005 беше шампион во мини-лигата на Металург. Дел од кампот е и вицешампионската екипа на Тиквеш од Кавадарци во истата генерација, како и децата од школата на Макалоски од Прилеп, која сезонава во мини-лигата на Металург беше шампион со девојчињата од генерацијата 2004/2005.
– Торо Спорт петта година едноподруго е учесник на ракометниот камп на Металург и со сигурност ќе учествува и во наредните години, бидејќи преку ваквите ракометни другарувања децата најмногу се надградуваат, меѓусебно учат, се забавуваат и стекнуваат нови пријателства. Не само децата, и ние тренерите разменуваме меѓусебни искуства – вели Тодорчо Николов, тренерот на Торо Спорт.
Годинашното издание на кампот е прво искуство за тренерите од скопските школи во Тафталиџе (ОУ „Братство“) Драган Трајковски и од Кисела Вода (ОУ „Кирил Пејчиновиќ“) Габриела Миленковска.
– Со голема возбуда и со задоволство го прифативме повикот да бидеме дел од ракометниот камп на Металург и после два дена поминати можам да кажам дека искуството е прекрасно. Децата се среќни, задоволни и желни за работа и за тренинг, а тоа е најважно за нас. Исклучително важна е и меѓусебната соработка и размената на искуствата на тренерите, од која верувам дека ќе извлечеме многу позитивни моменти, кои ќе ни користат во понатамошната работа со децата – изјави Трајковски.
Покрај редовните утрински и попладневни тренинзи, секој ден во вечерните часови за децата има организирани забави за дополнително дружење и за забава, на кои покрај тоа што се натпреваруваат, добиваат и голем број награди. За безбедноста и за здравјето на камперите на Металург 24 часа на ден се грижи д-р Димитар Ангеловски.