Фото : Принтскрин

Германскиот уметник Јоханес Волкер – Триб и националното здружение за заштита на работничките права протестираа денеска пред седиштето на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), во пресрет на жрепката за групната фаза за Светското првенство, кое во ноември и декември ќе се одржи во Катар.

Пред седиштето на ФИФА во Цирих беа истоварени 6.500 фудбалски топки наполнети со песок, а секоја топка симболизираше загубен живот на работници, ангажирани за изградба на потребната инфраструктура за одржување на фудбалскиот Мундијал во Катар.

На секоја од топките беше испишана порака на германски и англиски јазик „светска совест, ти си дамка на срамот“.

Британскиот весник „Гардијан“ лани објави дека 6.500 работници, во најголем број од земјите од југоисточна Азија, ги загубиле животите на градилиштата ширум Катар од 2010 година.

Од друга страна, катарските власти тврдат дека смртноста не е толку висока имајќи предвид дека во оваа блискоисточна држава се ангажирани околу 1.4 милиони работници од југоисточна Азија.