Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ

Во јануари се можни некои поголеми зделки, но многу поизвесно е дека ќе доминираат позајмувањата на фудбалерите и оти ќе се чека летото за некои покрупни трансфери. Летниот преоден рок би можел да биде интересен период, бидејќи има поголем број играчи од висок профил на кои им истекуваат договорите во сегашните клубови, како Мбапе, Лорис, Погба, Рудигер…

Од саботата, 1 јануари, па до крајот на месецот, во Премиер-лигата на Англија, како и во германската Бундес-лига и во француската Лига 1 ќе се одвива фудбалскиот зимски преоден рок. Во другите две елитни европски првенства, во шпанската Ла лига и во италијанската Серија А, преодниот рок почнува денеска и ќе трае, исто така, до 31 јануари.

Минатиот викенд, прв во 2022 година и во јануарскиот фудбалски преоден рок, помина без фудбалски потреси, како што е вообичаено во зима. Можни се некои поголеми зделки, но многу поизвесно е дека ќе доминираат позајмувањата на фудбалерите и оти ќе се чека летото за некои покрупни трансфери.

Во првите два дена од јануарскиот преоден рок, клубовите во петте најсилни европски лиги, според податоците на интернет-страницата на британскиот дневен весник „Гардијан“, направиле 48 трансфер-зделки вредни околу 125 милиони евра, од кои на англиската Премиер-лига отпаѓаат 83 милиони.

Летниот преоден рок, пак, би можел да биде интересен период, бидејќи има поголем број фудбалери од висок профил на кои им истекуваат договорите во сегашните клубови.
Во таква позиција се многу познати фудбалери, меѓу другите, на пример, напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе, за кого е заинтересиран Реал Мадрид, потоа Пол Погба од Манчестер јунајтед, па Антонио Рудигер од Челси, можно е и Хари Кејн да го напушти Тотенхем, па Џеси Лингард од Манчестер јунајтед итн.

Интернет-страницата ЕСПН претстави детали за некои од најдобрите фудбалери што се достапни со бесплатни трансфери во текот на летото (секако, ако во меѓувреме не потпишат нови договори со актуелните клубови). На листата на ЕСПН се, на пример, голманите Уго Лорис (Тотенхем) и Андре Онана (Ајакс), одбранбените фудбалери Антонио Рудигер (Челси), Андреас Кристенсен (Челси), Никлас Суле (Баерн Минхен), Цезар Аспиликуета (Челси), Марсело (Реал Мадрид), потоа фудбалерите од средниот ред Пол Погба (Манчестер јунајтед), Џеси Лингард (Манчестер јунајтед), Анхел ди Марија (ПСЖ), Иско (Реал Мадрид), Корентин Толисо (Баерн Минхен), Лука Модриќ (Реал Мадрид), како и фудбалерите напаѓачи Килијан Мбапе (ПСЖ), Усман Дембеле (Барселона), Пауло Дибала (Јувентус), Андреа Белоти (Торино), Александар Лаказет (Арсенал), Луис Суарез (Атлетико Мадрид), Герет Бејл (Реал Мадрид)…