Велосипедистите, вкупно 176 од 22 тима, во следните три недели, до големото финале на Елисејските Полиња, во 21-етапна трка, ќе треба да извозат вкупно 3.351 км

Со денешната прва етапа долга 189 км во департманот Венди, во северозападниот дел на Франција, на Атлантикот, почнува 105-то издание на најпознатата и најгламурозна велосипедска трка на светот, Тур де Франс. Годинава, поради Светското првенство (СП) во фудбал, трката почнува една недела подоцна од вообичаениот термин. Велосипедистите, вкупно 176 од 22 тима, во следните три недели, до големото финале на Елисејските Полиња, во 21-етапна трка ќе треба да извозат вкупно 3.351 км. Годинава велосипедистите, повторно се враќаат на фамозните планински етапи на Алп д’Уез и на Кол де Турмуле, а по подолга пауза во деветтата етапа ќе се вози и по коцка, наместо по асфалт.

Бранителот на титулата и четирикратен победник на Тур де Франс, Британецот Крис Фрум (Скај) важи за прв фаворит за триумф. Тој победи четири пати на последните пет изданија на Тур (2013, 2015, 2016, 2017), а од лани врза три грантур-победи во низа, на Тур де Франс, на шпанската Вуелта и на Џиро д’Италија. Доколку победи и на четвртата грантур-трка во низа, Фрум ќе се израмни со Белгиецот Еди Меркс, кој е единствениот велосипедист на кого тоа му успеало во 1972/1973 година.
Фрум е единствениот Британец што триумфирал на Тур, на Џиро и на Вуелта. Неговиот настап годинава беше доведен во прашање поради аферата со прекумерната употреба на лекот за астма, „салбутамол“ лани на Вуелта, но пред неколку дена Светската велосипедска асоцијација (УЦИ) и Светската антидопинг-агенција (ВАДА) донесоа одлука дека Фрум не се допингувал и дека може да настапи.

Главната дилема е дали Фрум (33) ќе успее петти пат да победи и на тој начин да им се придружи на великаните, како што се Французите Жак Анкетил и Бернар Ино, Белгиецот Еди Меркс и Шпанецот Мигел Индураин, кои по петпати победувале на Тур.
Како главни конкуренти на Фрум се сметаат Ричи Порт, Наиро Кинтана, Микел Ланда, Том Думулан, Роман Барде и Винченцо Нибали.
Наградниот фонд на годинашниот Тур изнесува 2.287.750 евра, од кои победникот ќе добие 500.000, второпласираниот 200.000, а третопласираниот 100.000 евра.