Организирањето на тримесечната завршница на сезоната во комплексот на Волт Дизни во Орландо ќе ја чини кошаркарската НБА-лига повеќе од 150 милиони долари, пренесува И-ес-пи-ен, повикувајќи се на сопствени извори.

Лигата ќе треба да ги смести 22-та клуба заедно со дополнителниот персонал во три одморалишта, а организираше седум терени за тренинг, додека натпреварите ќе се играат во три арени за време на карантинот. Лигата ќе обезбеди и оброци, тестирања за коронавирус и медицинска поддршка, обезбедување, транспорт и забава за повеќе од 1.500 луѓе во рамки на натпреварувањето.

Во трошоците не е вклучена загубата на приходи бидејќи тимовите нема да продаваат билети за натпреварите. НБА проценува дека ќе загуби приходи од над една милијарда долари поради коронавирусот, според извори на И-ес-пи-ен, дури и пред да ги земе в обзир трошоците за завршницата на сезоната во Орландо.

Но, со играњето на 88 натпревари од регуларниот дел од сезоната и четири рунди од плејофот, лигата ќе се заштити од дополнителни трошоци. Играчите ќе задржат повеќе од 600 милиони долари на сметка на платите кои можеа да бидат загубени доколку сезоната беше поништена, а НБА-клубовите се заштитија од потенцијална загуба од стотици милиони на сметка на телевизиските права.

Клубовите моментно се подготвуваат за продолжувањето на сезоната пред заминувањето за Орландо предвидено за следната недела.