Фото: Игор Бансколиев

Македонија досега 10 пати играла во квалификации за ЕП. Во воведниот натпревар досега забележала по пет победи и порази, но во ниту еден случај нема пораз дома во 1-то коло од некој квалификациски циклус (вкупно три победи досега, над Португалија, Белгија и над Луксембург)

Македонската машка кошаркарска репрезентација со несмален интензитет продолжува со подготовките за претстојниот дуел против Естонија, в четврток (20.15 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“, во Скопје, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година во Чешка, Грузија, Италија и во Германија. Три дена подоцна е дуелот со Русија на гости. Во групата Б е и Италија.
Од саботата македонскиот селектор може да смета на сите 16 повикани играчи. Во саботата на вечерниот тренинг се појави и плејмејкерот на шпански Хувентуд и најдобриот кошаркар на Македонија за 2019 година, Ненад Димитријевиќ, кој се очекува со капитенот Војдан Стојановски да биде главен носител на ритамот на играта на црвено-жолтите. Тоа не го криеше ни Димитријевиќ, кој е оптимист во овој циклус квалификации. Тренингот на кошаркарите го следеше претседателот на КФМ, Перо Антиќ.

– Возбуден сум што повторно сум дел од националниот тим. Од порано се знам со постарите и поискусни кошаркари, а со помладите од настапите во младинските категории. Мечот против Естонија, која претставува сериозен противник, ќе биде многу тежок, но убеден сум дека ќе се подготвиме добро и в четврток да бидеме, што се вели, 100 отсто – вели Димитријевиќ, кој и порано има настапувано во сениорскиот состав.

Репрезентативците досега одработија пет тренинзи, а за вчеравечер беше предвиден и единствениот тест-натпревар против прволигашот Гостивар.
Македонија досега 10 пати играла во квалификации за ЕП. Во воведниот прв натпревар од еден циклус досега забележала вкупно по пет победи и порази, но во ниту еден случај нема пораз дома во 1-то коло од некој квалификациски циклус (вкупно три победи досега, над Португалија, Белгија и над Луксембург). Против Естонија, пак, играла во два квалификациски циклуса и тоа за ЕП 1993, кога загубила со 60-74 и за ЕП пред 11 години, кога славела со 90-78, со Италија за ЕП 1997 година и двапати забележала пораз (62-95 и 84-105), а со Русија во квалификациите за ЕП 1999 исто така има два пораза (73-116 и 89-94).
Од групата Б на ЕП 2021 ќе се пласираат најдобрите две репрезентации, плус Италија, која е еден од четирите домаќини на континенталниот шампионат.


МАКЕДОНИЈА ВО ПРВО КОЛО ОД КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП
ГОД. ДУЕЛ РЕЗ.
1993 Естонија – Македонија 74-60
1995 Чешка – Македонија 85-72
1998 Русија – Македонија 116-73
2000 Белгија – Македонија 69-61
2002 Хрватска – Македонија 91-72
2005 Австрија – Македонија 75-101
2008 Македонија – Португалија 85-48
2010 Украина – Македонија 58-71
2014 Македонија – Белгија 76-73
2016 Македонија – Луксембург 89-75