Младиот словенечки кошаркар Лука Дончиќ продолжува да ја воодушевува јавноста со одличните настапи во НБА-лигата. Иако претходната вечер во победата против Орландо меџик имаше мирна шутерска ноќ и уфрли само седум поени (2-11 шут од игра), тој фасцинираше во другите аспекти од играта и успеа да оствари за него рекордни 11 скокови и девет асистенции.

Со само 19 години, словенечкото „чудо од дете“ одлично се покажува во најсилната кошаркарска лига на светот и на досегашните 23 натпревари во просек остварува 18,2 поени, 6,2 скока и 4,1 асистенција. Иако овие бројки навидум не изгледаат фасцинантно, одличната и зрела игра која ја покажува на теренот го прави прв кандидат за наградата најдобар „новајлија“ во лигата, пред ДеАндре Ејтон од Феникс санс, Џарен Џексон јуниор од Мемфис и Колин Секстон од Кливленд.