Јорданчо Давитков

Македонија има искусни играчи, кои добро си ги знаат своето место и задача на теренот, вели Давитков пред дуелот со Романија в четврток, за пласман во квалификациите за ЕП 2021

Македонија има искусни играчи, кои добро си ги знаат своето место и задача на теренот. Затоа, ние во Плоешти, без разлика со кој состав дефинитивно ќе настапиме, воопшто не размислувајќи да ги браниме тие 14 поена предност, ќе настојуваме да забележиме нова победа. Македонија има квалитет и да го стори тоа, изјави селекторот Јорданчо Давитков пред денешното заминување за Плоешти, каде што македонската машка кошаркарска репрезентација в четврток (17 ч.) ќе го одигра последниот (четврти) натпревар во групата А против Романија, во претквалификациите за пласман во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021.

Мини-подготовките се во тек, а селекторот се соочува со некомплетен состав.

– Центарот Бојан Траковски има повреда на коленото, па докторите ќе го имаат конечниот збор. Бекот Александар Костовски од приватни причини не е подготвен за настап, па донесе одлука да не настапува повеќе во репрезентацијата. Што се однесува до центарот Ричард Хендрикс, неговото доцнење е резултат на проблеми со авиолиниите, па се надевам дека денеска ќе ни се придружи. Но ние и без нив вредно тренираме деновиве и го исполнуваме поставениот план на теренот – вели Давитков.

И покрај овие проблеми, Давитков е оптимист и верува во нова победа над Романија. Првиот меч во Скопје заврши со победа на Македонија со 90-76. Македонија е на првата позиција со шест бода (три победи), Романија е втора со два бода помалку, а Косово е на третото место без бодови.