Во натпреварот во забивање на олстар-викендот во Чикаго, на паркетот се појави највисокиот кошаркар во НБА-лигата, Тако Фол (226 см), кого Арон Гордон го прескокна и ја заби топката, но и тоа не беше доволно да победи. Триумфира Дерик Џонс Јуниор

По четири години од спектакуларниот дуел против Зак Лавин, Арон Гордон се врати на натпреварувањето на забивање на кошаркарскиот олстар-викенд во Чикаго, решен овој пат да го освои посакуваниот трофеј. Во Торонто во 2016 година, трофејот му припадна на неговиот ривал. Публиката во „Јунајтед центарот“, особено оние најпознати кошаркарски ѕвезди од првите редови, со неверување го испратија ова спектакуларно финале со уште еден пораз на кошаркарот од Орландо меџик.
На паркетот се појави највисокиот кошаркар во НБА-лигата, Тако Фол (226 см), кого Гордон го прескокна и ја заби топката, но и тоа не беше доволно да победи. Откако од жирито (во кое меѓу преостанатите седеа сегашни и идни членови на „Куќата на славните“, Двејн Вејд и Скоти Пипен), во последната серија доби 47 поени (две десетки и три деветки) Гордон (24) му честита на новиот шампион Дерик Џонс Јуниор од Мајами хит, кој освои 48 поени, порачувајќи дека по овој олстар-меч нема повеќе да се натпреварува во забивање.

Кошаркарот на Мајами хит, Бам Адебајо, е најдобар во натпреварот во изведување вештини. Тој во финалето го совлада Домантас Сабонис од Индијана пејсерс. Играчот на Сакраменто кингс, Бади Хилд, пак, триумфира во шутирање тројки. Тој во финалето го победи Девин Букер од Феникс санс и Давис Бертанс (Вашингтон визардс). Хилд во финалната серија постигна 27 коша од можните 40, а Букер еден помалку, а Бертанс 22 коша.

Коби Брајант, кој неодамна трагично го изгуби животот во хеликоптерска несреќа, беше номиниран како кандидат за влез во кошаркарската „Куќа на славните“ на НБА. Тој беше четврти стрелец во историјата на НБА-лигата, а во текот на 20-годишната кариера освои пет шампионски прстени со екипата на Лос Анџелес Лејкерс. Покрај него на листата за влез во „Куќата на славните“ се и Кевин Гарнет и Тим Данкан, исто така, великани во НБА-натпреварувањето.
Комесарот на НБА-лигата, Адам Силвер, соопшти дека МВП-наградата за најдобар играч на олстар-натпреварот, ќе го носи името „Коби Брајант“.