Симоновски и Витингтон на тренинг Фото: Игор Бансколиев

Американскиот крилен центар Шејн Витингтон, кој моментно настапува за шпанскиот прволигаш Бетис, е единствениот странец со македонски пасош меѓу избраниците на селекторот Тодоров

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Александар Тодоров, заедно со своите млади помошници Горан Самарџиев, Ѓорѓи Кочов, Никола Велев и Никола Василев, продолжува да ја крои замислената тактика за претстојниот дуел против Естонија, закажан за 20 февруари (20.15 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“, во Скопје, а во рамките на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година во Чешка, Грузија, Италија и Германија. Се тренира со засилено темпо двапати дневно, а во подмладениот комбиниран играчки состав (недостига уште бекот Ненад Димитријевиќ, кој подоцна ќе се приклучи н.з.), владее оптимизам.
Американскиот крилен центар (211 см) Шејн Витингтон (28), кој моментно настапува за шпанскиот прволигаш Бетис, е единствениот странец со македонски пасош меѓу избраниците на селекторот Тодоров.

– Дојдов тука да помогнам за да се пласираме на ЕП. Мотивиран сум како и секогаш, но и подготвен да се оствари поставената цел на репрезентацијата, но сега под водство на новиот македонски селектор. Сакам да нагласам дека никогаш не сум сакал да бидам во центарот на вниманието, оти кошарката не е спорт за себични, напротив – дециден е Шејн Витингтон, кој дебитира во црвено-жолтиот дрес, кога репрезентацијата ја предводеше претходниот селектор Јорданчо Давитков.
Оптимист е и репрезентативниот бек Марко Симоновски, кој веќе два месеца е без клупски ангажман.
– Треба да се издржат оваа подготвителна програма и натпреварувачки циклус, кои на крајот, се надевам, ќе дадат успех. Можам да ветам дека ќе го дадеме максимумот, за на крајот да ја вратиме Македонија таму каде што ѝ прилега. Два месеца сум надвор од активното играње, но затоа, пак, секојдневно тренирав. Важно е на секој меч да влеземе мошне сериозно и од првиот момент да играме на победа. Естонија е најслаб ривал од трите селекции, но никако не треба да се потцени, па, покрај победата, потребно е да се оди и на поголема кош-разлика – категоричен е Марко Симоновски.

Во рамките на подготовките на репрезентацијата, прволигашот Гостивар ќе биде единствениот тест-противник на избраниците на Тодоров во овој подготвителен период, а мечот е закажан за недела во СЦ „Борис Трајковски“. Последниот тренинг е предвиден за идниот четврток, во 12 часот, а натпреварот против Естонија е закажан истиот ден, од 20.15 часот. Три дена подоцна следува гостувањето во Перм против домаќинот Русија. Македонија во овие квалификации е во групата Б, заедно со Италија, Русија и Естонија, а првите три селекции од групата обезбедуваат пласман на ЕП.