Фото: Твитер/Голден стејт вориорс

Ѕвездата на Голден стејт вориорс, Стеф Кари, со насмевка, но истовремено и во солзи, ја дочека самата завршница од решавачкиот меч против Бостон селтикс (103-90) во финалето од НБА-лигата, кога стана извесно дека ќе го освои трофејот по четврти пат со воините. Тој за миг седна на паркетот во арената „Ти-Ди Гарден“ на две секунди до крајот на мечот, пред да стане и да им се придружи на соиграчите и на семејството во славјето.

Токму извонредниот шутер го предводеше својот тим до победата во шестиот натпревар од финалната серија (вкупен резултат од 4-2) со 34 поени, седум асистенции и седум скокови, и едногласно беше прогласен за најкорисен играч на финалето.

Стеф Кари е најкорисен кошаркар во финалната серија/Фото: Твитер – Голден стејт вориорс

Голден стејт ја врати својата династија на тронот, во сезоната во која јавноста немаше големи очекувања од нив, како што наведува „И-ес-пи-ен“. Ваквото расположение се должеше на двегодишното отсуство од плејофот по заминувањето на Кевин Дурент и долгото отсуство на Клеј Томпсон поради повреди.

Во походот на трофејот, Стеф Кари се согласи да влегува од клупата за резерви во првата рунда од плејофот против Денвер нагетс, кога закрепнуваше од повреда, статусот на Кевон Луни исто така неколку пати се менуваше во текот на доигрувањето, а помалата минутажа во плејофот не им пречеше ниту на Немања Бјелица, Џонатан Каминга и Андре Игудала, кои ја прифатија одлуката на тренерот Стив Кер да ја скрати ротацијата на кошаркари во плејфот. Згора, Ендрју Вигинс го докажа честопати оспоруваниот талент со извонредни партии во плејофот, а тимот ја надмина и повредата на специјалистот за одбрана Гери Пејтон помладиот во пресметката со Мемфис гризлис во втората рунда.

– Толку многу сум горд на нашата екипа. На почетокот на сезоната никој не мислеше дека ќе бидеме тука, освен ние самите – изјави емотивниот Кари по триумфот.

За Голден стејт ова е четврти шампионски прстен во последните осум НБА сезони, а вкупно седми трофеј за франшизата основана во Филаделфија во 1948 година, како еден од изворните тимови во НБА. Голден стејт, воедно, ја освои титулата и во премиерната сезона (1946/47) во НБА.