Фото: КФМ

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва загуби убедливо од Шпанија со 44-80 на гостински терен во Сарагоса, во рамки на првиот од двата јулски натпревари во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година.

Единствен со двоцифрен ефект во македонскиот состав во пресметката со актуелниот светски првак беше Андреј Јакимовски со 14 поени.

Селекторот Драган Бајиќ потенцираше дека Македонија во Сарагоса играше без помошта на неколку важни играчи.

– Знаевме дека Шпанија е голем фаворит. Немавме многу време за тренинзи и подготовки, ни недостигаа и четири-пет добри кошаркари. Тоа придонесе да се случи она што се случи. Имаше добри моменти од кои мораме да сме задоволни, имавме и лоши моменти кои треба да ги корегираме ако сакаме да напредуваме. Едноставно, мислам дека квалитетот и физичката подготвеност на Шпанците беа пресудни за да се стигне до ваков резултат. Тимот што јас го водам не е на ова ниво на натпреварување како и Шпанија, можеше да се види дека не се снајдовме на една силно агресивна одбрана. Задоволен сум од атмосферата и од тимската хемија што ја имавме. Верувам во овие момци, верувам дека ќе бидеме се подобри и подобри, штом ни се приклучат сите кошаркари кои денеска ги немавме во тимот – изјави селекторот Драган Бајиќ на прес-конференцијата по мечот.

Македонската кошаркарска репрезентација утре се враќа во Скопје, каде в понеделник во салата „Борис Трајковски“ ја пречекува Украина во обид да ја запише првата победа во групната фаза од мундијалските квалификации.