Фото: Игор Бансколиев

За пласман на ЕП 2025 веќе е одигран еден претквалификациски циклус, од август следува и вториот, во кој ќе игра Македонија, а в година е и третиот (ќе играат елиминираните од првиот и од вториот), пред да почнат квалификациите во ноември

КОШАРКА – ЗАВРШИЈА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2023

Шест натпревари на машката кошаркарска репрезентација на Македонија во првата фаза од квалификациите за Светското првенство (СП) во 2023 година во Малезија, Јапонија и Филипини и исто толку порази со негативна кош-разлика од 122 поена. Во последниот дуел од квалификациите за СП 2023, одигран во Скопје, црвено-жолтите загубија од Украина со 68-73, а со тоа и можноста првпат да забележат победа во циклус за СП. Решавачка беше првата четвртина, која Украинците ја добија со 35-21, па во понатамошниот тек од натпреварот подмладениот состав на македонскиот селектор Драган Бајиќ немаше сили за пресврт. Андреј Јакимовски беше најефикасен во македонските редови, со 17 поени, два помалку уфрли Војдан Стојановски, а 13 реализира Бојан Крстевски.
– Во вториот дел покажавме карактер и успеавме да се вратиме во игра. Бевме блиску да победиме. Тоа е спортот. Им честитам на моите соиграчи за сите одиграни натпревари на кои покажавме дека одиме на вистинскиот пат – изјави искусниот Војдан Стојановски.

По елиминацијата во квалификациите за СП 2023, македонската репрезентација се најде во вториот круг од претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) што треба да се игра во 2025 година во Финска, Летонија и на Кипар (во квалификациите за ЕП 2021, Македонија тргна од првиот претквалификациски круг).
Во овој круг се и селекциите на Бугарија, Хрватска, Полска, Португалија и Словачка, како елиминирани од квалификациите за СП, потоа Австрија, Данска, Романија, Швајцарија и Норвешка како најуспешни во првата претквалификациска фаза и Кипар како еден од домаќините на ЕП 2025.
Овие 12 репрезентации ќе бидат поделени во три групи, а пласман во квалификациите за ЕП 2025 обезбедуваат трите победнички селекции на групите (ако Кипар биде прв, во таа група понатаму оди и второпласираниот). Елиминираните осум селекции од оваа фаза, потоа ќе играат во третиот круг претквалификации, во кој се и елиминираните репрезентации од првата претквалификациска фаза, Косово, Ирска, Луксембург и Албанија. Од овој трет круг претквалификации најдобрите четири селекции ќе играат во квалификациите. Вториот круг претквалификации ќе се играат во август и во ноември годинава и во февруари в година, а третиот круг на програмата е во август 2023 година.
Во квалификациите, пак, ќе играат осумте селекции од претквалификациите и на 24-те репрезентации што се пласираа во следниот круг квалификации за СП 2023 и тие 32 селекции од ноември в година ќе играат за 24 места на континенталното првенство во 2025 година. Г.И.


Во трка за СП 2023 се и 20 учесници на ЕП 2022

Пласман во следната фаза од квалификациите за пласман на Светското првенство обезбедија 24 кошаркарски репрезентации (од нив 20 од 24 учесници на Европското првенство годинава), и тоа Летонија, Белгија, Србија (група А), Грција, Турција, Велика Британија (група Б), Финска, Словенија, Шведска (група Ц), Германија, Израел, Естонија (група Д), Франција, Црна Гора, Унгарија (група Е), Литванија, Чешка, БиХ (група Ф), Шпанија, Грузија, Украина (група Г), Исланд, Италија и Холандија (група Х). Во продолжението на квалификациите ќе има четири групи, а на СП 2023 ќе се пласираат по три репрезентации од секоја од четирите групи, вкупно 12 селекции од Европа.


ПАТОТ ДО ЕП 2025

ЦИКЛУС УЧЕСНИЦИ ПЛАСМАН
Први претквалификации 10 6
Втори претквалификации 12 4
Трети претквалификации 12 4
Квалификации 32 24

ГРУПА Г
Македонија – Украина 68-73
Грузија – Шпанија 82-76
Украина – Шпанија утре

ТАБЕЛА
Шпанија 6 4 2 10
Грузија 5 4 1 9
Украина 5 3 2 8
Македонија 6 0 6 6