КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ

Кошаркарите на Мајами поведоа со 1-0 во победи против ослабениот Бостон во финалето на плејофот на Источната конференција во НБА-лигата, откако победија на првиот меч со 118-107. Мајами беше предводен од Џими Батлер со 41 поен, од кои 27 во вториот дел. Тој оствари и девет скока, пет асистенции, четири украдени топки и три блокади.
Батлер истовремено стана и 220-от кошаркар во историјата на НБА-лигата што уфрлил најмалку 14.000 поени. Кај Бостон најефикасен беше Џејсон Тејтум со 29 коша, осум скока, шест асистенции и четири украдени топки. Мајами победи благодарение на добрата игра во вториот дел, откако на полувремето губеше со 54-62.
– Батлер е врвен играч. Многу момци во оваа лига играат кошарка, а тој игра за да победи. Тоа е сосема поинаква работа и тој го прави тоа добро – изјави тренерот на Мајами, Ерик Сполстра.
Во Бостон не настапија Маркус Смарт и Ал Хорфорд. Вториот меч се игра утре наутро повторно на теренот на Мајами.
Во финалето на Западната конференција играат Голден стејт и Далас.