КФМ ѝ додели поединечни признанија и на прославената генерација на репрезентативци што пред десет години го освои четвртото место на Европското првенство во Литванија

КОШАРКА – ПРОГЛАСЕНИ НАЈДОБРИТЕ ВО 2021 ГОДИНА

Андреј Магдевски е најдобар кошаркар, а Анџелика Митрашиновиќ најдобра кошаркарка за 2021 година, во изборот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). И двајцата минатата сезона блескаа на домашната сцена, беа прогласени за МВП на финалните серии во плејофот во машка и во женска конкуренција, освојувајќи ги двојните круни, а имаа и одлични репрезентативни настапи. Потоа заминаа во странство, Магдевски од МЗТ Скопје во романски Плошети, а Митрашиновиќ од Баскет КАМ во француски Тарбес.
МЗТ Скопје е најдобар машки, а Баскет КАМ женски тим. Горан Самарџиев од Еуро Никел е тренер на годината на машки тим, а Александар Ашаданов од Баскет КАМ и селектор на женската репрезентација е најдобар во категоријата екипи во женска конкуренција.
На свечената церемонија на прогласувањето на најдобрите не беше заборавена и прославената генерација на репрезентативци што пред десет години, предводена од селекторот Марин Докузовски, го освои четвртото место на Европското првенство во Литванија, што е и најдобар пласман во историјата на македонската машка кошарка на меѓународната сцена. За тој успех поединечни признанија добија Димитар Мираковски, Владо Илиевски, Дарко Соколов, Лестер Бо Мекејлеб, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Тодор Гечевски, Перо Антиќ, Ивица Димчевски, Ѓорѓи Чековски, Предраг Самарџиски, Марин Докузовски, Марјан Лазовски (постхумно), Марјан Србиновски, Благоја Кечовски, Сандро Бенкардино, Врбица Стефанов, Михаило Маноилов, Ненад Попоски, Никола Николовски, Зоран Крстевски, Иван Ивановиќ, Даниел Димевски, Дејан Лекиќ и Илија Мерџановски.