Василије Мициќ (во акција) постигна 25 коша во финалето

Анадолу Ефес предводен од бековското дуо Василије Мициќ и Шејн Ларкин првпат ја освои кошаркарската Евролига, совладувајќи ја Барселона со 86-81 во финалето на фајналфорот одиграно во Келн.

Најкорисниот кошаркар на Евролигата и на фајналфорот, Мициќ, во финалето постигна 25 поени, од кои 21 во второто полувреме, додека Ларкин додаде 21 за победничката екипа. Кај Барселона најефикасен беше Кори Хигинс со 23 уфрлени коша.

По извонредната сезона, Мициќ би можел да ја продолжи кариерата во НБА-лигата, во Оклахома Сити тандер која ги има правата за негов ангажман. Мициќ беше избран како 52-ри пик на драфтот во 2014 година од страна на Филаделфија севентисиксерс.

Олимпија Милано беше подобра од ЦСКА Москва со 83-73 во мечот за третото место одигран пред финалето.