Покрај поените, Џејмс сега има осумдесетина асистенции помалку од 10.000 во кариерата и наскоро ќе биде првиот со три петцифрени достигнувања во НБА-лигата, односно првиот со најмалку по 10.000 поени, скока и асистенции

КОШАРКА – НБА

Кога Леброн Џејмс го постигна шестиот поен за време на натпреварот на Лос Анџелес лејкерс кај Бруклин, тој достигна до вкупно 36.387 во својата кариера, точно 2.000 поени помалку од рекордерот Карим Абдул-Џабар, пишува кошаркарската НБА-лига на својата интернет-страница. На тој меч Џејмс постигна вкупно 33 поени.
Со неговото сегашно темпо, можно е Џејмс да се пресели на местото број 1 до ова време во следната сезона, можеби дури и малку порано, пишува НБА, која за оваа листа ги смета поените во регуларниот дел од сезоната. Џејмс беше израмнет на 1.157-то место на вечната листа на стрелци во НБА-лигата по неговата дебитантска сезона.
Џејмс влезе меѓу врвните 500 стрелци во НБА по три сезони, а во врвните 250 до петтата година, потоа меѓу најдобрите 100 поентери до осмата сезона, а меѓу 50-те една година потоа. До 14-та сезона Џејмс беше меѓу најдобрите 10 стрелци во лигата.
Сега Џејмс е на третото место, со 36.414 поени, втор е Карл Мелоун со 36.928, а водечкиот Абдул-Џабар има 38.387 поени. Покрај поените, Џејмс сега има осумдесетина асистенции помалку од 10.000 во кариерата. Тој наскоро ќе биде првиот со три петцифрени достигнувања во НБА-лигата, односно првиот со најмалку 10.000 поени, 10.000 скока и 10.000 асистенции.
Во НБА-лигата има 48 кошаркари што постигнале 20.000 поени, 43 што имаат 10.000 скока, 38 со 6.000 асистенции, 40 што постигнале 2.000 тројки. Некои играчи се на две или на три од тие ранг-листи, а Џејмс е единствениот на сите четири, пишува НБА.


КОШАРКА
Нов рекорд на Јокиќ во НБА-лигата

Актуелниот најкорисен кошаркар (МВП) на НБА-лигата, Никола Јокиќ, го водеше Денвер до нова победа, над Детроит, со 110-105, притоа испишувајќи нова историја. Јокиќ стана првиот кошаркар во НБА-лигата, кој остварил над 5.000 скока и имал над 3.000 асистенции на помалку од 500 натпревари. Јокиќ досега одигра 494 меча.
Пофалба за оствареното, Јокиќ доби од поранешниот тренер на Денвер Џорџ Карл, најдобар во НБА-лигата за 2013 година, кој во текот на тренерската кариера го водеше Денвер од 2005 до 2013 година, а пред и потоа и клубовите Кливленд, Голден стејт, Сиетл, Милвоки, Сакраменто и во два наврата шпански Реал Мадрид.