Фото: МИА

Новиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Јончевски, смета дека евентуален пласман на Евробаскет би бил успех за „црвено-жолтите“. Под водство на Јончевски македонските кошаркари од денеска се во Маврово на подготовки за новиот циклус од квалификации, за пласман на Европското првенство во 2025 година.

– Голема одговорност е да се предводи овој тим во квалификациите за Европското првенство. Имаме нешто повеќе од две недели да се подготвиме за двомечот со Данска, а потоа следи Словачка на домашен терен. Се надевам дека ќе успееме да направиме една позитивна атмосфера и енергија, нешто што ја красеше оваа репрезентација со години наназад и една атмосфера која го донесе најголемиот успех во 2011 година на ЕП. Нормално, пласман на едно ЕП по пауза од десет години би бил успех за оваа репрезентација – изјави Јончевски за официјалната веб-страна на КФМ.

Во квалификациската група е и Норвешка.

– Можеби групата звучи неатрактивно, со Норвешка, Данска и Словачка, но ни влева голема надеж дека ќе го освоиме првото место кое единствено води во следната рунда. Ниедна селекција нема квалитет со кој ќе отскокнува, туку моменталната атмосфера и мотивација ќе го реши победникот, смета новиот предводник на нашиот сениорски национален тим пред стартот на августовските подготовки.

Јончевски на селекторската позиција го наследи Драган Бајиќ на кого му беше помошник.