Стеф Кари

КОШАРКА – НБА-ЛИГА

Во финалната серија, Голден стејт го совлада Бостон селтикс со 4-2

Голден стејт ја освои четвртата шампионска титула во НБА-лигата во последните осум години, прва по 2018 година, победувајќи го Бостон во финалната серија, со 4-2 (103-90 во шестиот натпревар). За Голден стејт ова е седма титула во клупската историја (1947, 1956, 1975, 2015, 2017, 2018 и 2022 г.). Поуспешни од Голден стејт се само Бостон и Лос Анџелес лејкерс, со по 17 титули.

Стеф Кари (34), кој досега двапати беше избран за најкорисен играч во регуларниот дел од сезоната, за првпат е МВП на финалната серија. Тој имаше просек од 31,2 поен на шесте натпревари, од кои 34 во победата на последниот меч, плус седум асистенции и седум скока.
– Најдовме начин да ја завршиме работата. Секогаш е тешко да се победи на ова ниво. Го градевме ова 10 или 11 години и многу значи кога ќе стигнете до оваа фаза, оти знаете како да победувате. Сите што биле дел од ова знаат за што станува збор – изјави Кари, кој го освои четвртиот шампионски прстен во седмото финале.
Голден стејт е и првиот тим што играл во финалето шест пати за осум години, по Чикаго булс во 1990-тите, кои предводени од легендарниот Мајкл Џордан освоија шест титули, од 1991 до 1998 година. Тренерот на Голден стејт, Стив Кер, беше дел од тимот на Чикаго што ги освои последните три титули.

Кари е седмиот играч што освоил најмалку четири шампионски титули, две МВП-признанија во регуларниот дел од сезоната и едно во финалната серија, по Карим Абдул-Џабар, Тим Данкан, Леброн Џејмс, Меџик Џонсон, Мајкл Џордан и Бил Расел.