ЛА лејкерс поведе со 3-1 во победи против Мајами и сега го дели еден триумф од 17-от трофеј во НБА. Титули со три клуба имаат само Џон Сали и Роберт Хори, а Леброн Џејмс и Дени Грин досега славеа со по два

Уште една победа ги дели кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс од нов шампионски прстен, кој ќе биде вкупно 17-ти во нивната клупска историја во НБА-лигата, со што ќе се израмнат со Бостон, како екипи со најмногу титули. Клубот од Калифорнија го доби четвртиот дуел против Мајами, со 102-96, во годинашното финале од плејофот и поведе со 3-1 во победи.
– Задоволен сум како ја завршивме работата во овој меч, но уште не е сѐ готово – претпазлив е Џејмс, ако се знае податокот дека практично тој во 2016 година, по негативата од 1-3 против Голден стејт, донесе целосен пресврт.
Џејмс (35) и неговиот соиграч Дени Грин (33) се на чекор да станат нови кошаркари што освоиле шампионска титула со три клуба.

Џејмс има титули со Мајами во 2002 и 2003 година и со Кливленд во 2016-та (на трите финалиња е прогласен за најкорисен играч, МВП), а Грин има трофеи од 2014 година со Сан Антонио (победувајќи го токму Мајами со Џејмс) и од лани со Торонто. Прв што освоил шампионски прстени со три клуба бил Џон Сали (во 1989 и 1990 година со Детроит, 1996 со Чикаго и во 2000 година со ЛА лејкерс). Втор на оваа листа се запиша седумкратниот шампион Роберт Хори (Хјустон во 1994 и 1995, ЛА Лејкерс во 2000, 2001 и 2002 и Сан Антонио во 2005 и 2007 година).
Петтиот натпревар од финалето на сезоната се игра в сабота наутро.