ЛА лејкерс ќе игра за 17-та титула, а Џејмс (35) 10-ти пат се пласира во финале во НБА, со што стана четвртиот кошаркар со настап во двоцифрен број финалиња во најсилната кошаркарска лига во светот

КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ

Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс се пласираа во големото финале во годинашната НБА-лига, откако во петтиот натпревар од финалето на Западната конференција го совладаа Денвер со 117-107 и славеа со 4-1 во победи. Лос Анџелес лејкерс во големото финале ќе се сретне со подобриот од финалниот дуел на Источната конференција, а таму Мајами водеше со 3-2 против Бостон.
– Игравме против човек за кого ова е рутина. Леброн Џејмс рутински постигна 16 поени во последната четвртина и го затвори натпреварот. Но ние, сепак, завршивме неверојатно добра работа сезонава. Знаеме дека ни треба искуство, а за да го добиеме, мојот тим мора да го стори она што им го поставив како следна цел и предизвик, а тоа е да се вратиме во врвот во Западната конференција – рече тренерот на Денвер, Мајкл Мелоун.

Џејмс (35), кој мечот го заврши со 38 поени, 15 скока и 10 асистенции, 10-ти пат се пласира во финале во НБА. Со тоа тој им се придружи на Карим Абдул-Џабар (10 финалиња), Сем Џонс (11) и на Бил Расел (12), како единствени кошаркари во историјата на НБА, кои се појавиле во двоцифрен број финалиња. Џејмс играше во мечевите за титулата со Мајами (триумфи во 2013 и 2014) и со Кливленд (победи во 2016 година) и е единствениот во историјата на НБА со просек од барем 25 поени во постсезоната со три различни тима.
Тој го запиша и својот четврти трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории) сезонава. Претходниот играч на Лејкерс кому му успеало да забележи барем четири триплдабл-ефекти во една постсезона бил Меџик Џонсон во плејофот во 1991 година, а му се придружи на Џејмс Ворти, како единствени играчи во историјата на плејофот на Лејкерс, со барем по 30 поени, 15 скока и 10 асистенции.
Ла Лејкерс досега има 16 шампионски прстени и 32 конференциски титули. Претходната титула клубот ја освои во 2010 година.