КОШАРКА – ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2023

Како и секогаш, ќе дадеме сѐ од себе за да стигнеме до едно од посакуваните први три места во групата, вели Ѓуроски, пред денешната ждрепка, во која Македонија е во осмиот барабан, заедно со Словачка, Португалија и со Шведска, што значи дека со нив не може да биде во иста група

Македонската машка кошаркарска репрезентација денеска напладне ќе ги дознае противниците во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година. Македонија е во осмиот барабан, заедно со Словачка, Португалија и со Шведска, што значи дека со нив не може да биде во иста група.

– Самото тоа што сме во осмиот барабан, ни ги прави работите многу тешки. Меѓутоа, ние, како и секогаш, ќе дадеме сѐ од себе за да стигнеме до едно од посакуваните први три места во групата. Сметам дека ни одговараат репрезентации со кои сме играле претходно од пониските барабани, како што се, на пример, Белорусија, Бугарија, Украина и Белгија. Од првите три барабани, која репрезентација и да ни биде противник, секако ќе ни биде еден добар тест да видиме до каде сме. Во секој случај, ќе го дадеме максимумот на теренот на секој натпревар, а резултатот, пак, ќе го каже своето – вели репрезентативниот крилен центар Стојан Ѓуроски.

Квалификациите за СП 2023 ќе се играат во две фази од по три т.н. прозорци, во периодот од ноември годинава до февруари 2023 година. СП ќе се игра во Филипини, Јапонија и во Индонезија. Пласман на Мундијалот обезбедуваат првите три репрезентации од втората фаза, во која, пак, ќе се пласираат по три најдобри селекции од осумте групи од првата фаза и ќе формираат нови шест групи, со пренесени бодови од првата фаза. Првите натпревари од квалификациите за СП 2023 треба да се играат од 20 до 30 ноември годинава.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ
Прв: Шпанија, Франција, Словенија, Србија
Втор: Литванија, Грција, Италија, Германија
Трет: Чешка, Полска, Русија, Турција
Четврти: Хрватска, Украина, Летонија, Црна Гора
Петти: Финска, Грузија, Белгија, Унгарија
Шести: Израел, БиХ, Велика Британија, Холандија
Седми: Исланд, Естонија, Бугарија, Белорусија
Осми: Македонија, Словачка, Португалија, Шведска