Женската репрезентација на Македонија од идната недела ќе игра во квалификациите за ЕП 2021 во група со Летонија, Германија и со Хрватска

Главна цел во овој циклус квалификации е да го дадеме нашиот максимум на теренот и да одговориме на сите предизвици, без разлика на нашите противници. Едноставно, да примениме наш систем на игра со многу трчање и, секако, желба за победа, вели Владимир Ѓоровиќ, селекторот на женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија, во пресрет на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година, во Шпанија и во Франција.

Репрезентативките веќе петти ден тренираат во СРЦ „Кале“, таму ќе останат до 13 ноември, а следниот ден ќе го одиграат на гости првиот дуел со Германија. На 17 ноември е закажан вториот меч со Летонија, во СЦ „Јане Сандански“.
– Изминативе четири-пет дена трениравме некомплетни, односно отсуството на нашите шест интернационалки го дополнуваат неколку ракометарки од јуниорскиот состав. Засега сѐ се одвива според планот, здравствениот билтен на повиканите кошаркарки е добар, како и условите за тренинг, а имаме поддршка и од федерацијата – вели Ѓоровиќ.

Македонија е во групата И, а своите противници ги дозна по јулската ждрепка, која се влечеше во Минхен. Репрезентациите се поделени во девет групи, од кои шест се со четири, а три групи со по три репрезентации. Првопласираните од секоја група, како и петте најдобри второпласирани репрезентации, ќе се квалификуваат на ЕП.
– Во нашата група најсилна селекција и прв фаворит е Летонија, која на последното ЕП беше домаќин и го освои 11-то место, а на СП во Шпанија го освои 13-то. Германија, исто така, е сериозна репрезентација иако не настапи на последното ЕП, како и Хрватска, со која, пак, имаме лош скор, па токму против нив психологијата треба да одигра голема улога во надминување на негативната бариера – вели Ѓоровиќ.


РАСПОРЕД НА МЕЧЕВИТЕ
14.11.2019 Германија – Македонија
17.11.2019 Македонија – Летонија
12.11.2020 Хрватска – Македонија
15.11.2020 Македонија – Германија
4.2.2021 Летонија – Македонија
7.2.2021 Македонија – Хрватска