Во составот се нашата прва плејмејкерка и капитенка Митрашиновиќ, потоа Николиќ, една од нашите најперспективни кошаркарки, која настапува во силната италијанска лига, и секако Американката Девона Бонер, вели македонскиот селектор, пред денешното заминување за Охрид на подготовки за квалификацискиот турнир во Рига за пласман на ЕП за жени

Селекторот на женската репрезентација на Македонија, Владимир Ѓоровиќ, ги одреди 17-те кошаркарки на кои ќе смета за турнирот во Рига (Летонија), во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година во Франција и во Шпанија. Од првобитниот список, кој имаше 24, отпаднаа седум кошаркарки.
Подготовките на репрезентативките е предвидено да се реализираат во Охрид, а потоа и во деновите на престој пред турнирот во Рига, каде што ќе се игра во т.н. „балон“ во групата И. Вчера беше предвидено репрезентативките и стручниот штаб да го поминат ПЦР-тестот на ковид-19, а за денеска е планирано заминување во Охрид, каде што ќе се тренира во СРЦ „Билјанини извори“.
– Најголемиот проблем е што 90 отсто од повиканите кошаркарки, од март па до сега, немаат одиграно официјален натпревар. Со тоа, можеби темпирањето на формата е поставена под голем прашалник во услови на ковид-19, а со подготовки во карантин. Но се надевам на добра адаптација и атмосфера во 10 дена заеднички тренинзи. Во вториот прозорец ќе бидеме во значително подобар состав, посилни за нашата прва плејмејкерка и капитенка Митрашиновиќ, потоа Николиќ, една од нашите најперспективни кошаркарки, која настапува во силната италијанска лига, и секако Американката Девана Бонер. Се надевам дека заедно со моите асистенти ќе успееме да ги оствариме предвидените цели – рече меѓу другото за официјалната страница на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) селекторот Ѓоровиќ, пред дуелите против Хрватска (12 ноември) и против Германија (14 ноември).

Од првите два дуела нови имиња во репрезентацијата се Анжелика Митрашиновиќ, Драгана Петковска, Сања Адамовска, Марија Димитријевиќ и Цветанка Димова.
По првите две кола, на табелата Хрватска води со четири бода, Германија и Летонија имаат по три и Македонија два. Репрезентациите се поделени во девет групи, од кои шест се со по четири селекции, а три групи со по три репрезентации. Првопласираните од секоја група, како и петте најдобри второпласирани репрезентации ќе играат на Европското првенство во 2021 година.
СОСТАВ: Софија Лазареска, Анжелика Митрашиновиќ, Девана Бонер, Сања Адамовска, Наталија Секуловска, Марија Димитријевиќ, Цветанка Димова, Сандра Лазареска, Драгана Јоловиќ, Матеа Николиќ, Ивана Кметовска, Катерина Поп Димитровска, Ивона Пејковска, Јована Петрушевска, Драгана Петковска, Габриела Модева, Нена Трајчевска.