Хјустон рокетс ги совлада Феникс санс дома со 108:102 во средба каде што Џејмс Харден остана на еден скок од нов „трипл-дабл“. Тој ги предводеше „Рокетси“ со 41 поен, 9 скокови и 11 асистенции, додека за „сонцата“ учинокот на Девин Букер од 29 поени не беше доволен и тие остануваат на дното во Западната конференција.

Еден од фаворитите за овогодинешната титула во НБА, Милвоки славеше на гости против Мајами 113:98, а во второто полувреме, Бакс ги надиграа домаќините со 71-46. Јанис Антетокумпо постигна 33 поени, 16 скокови и 9 асистенции, а имаше добра поддршка и од Крис Мидлтон, кој постигна 21 поен.

Лос Анџелес лејкерс без Леброн Џејмс изгубија на гости од Детроит 111:97 и речиси ги загубија и математичките шанси за плејофот. Лангстон Галовеј со 23 поени и Андре Драмонд со 19 поени и 23 скока ги предводеа „Пистонси“, додека за „езерџиите“ Џавејл Мекги беше најефикасен со 20 поени и 13 скокови.

Резултати од синоќешните натпревари во НБА-лигата:

Вашингтон – Шарлот 110:116
Детроит – Л.А. лејкерс 111:97
Филаделфија – Сакраменто 123:114
Мајами – Милвоки 98:113
Њу Орлеанс – Портланд 110:122
Хјустон – Феникс 108:102
Сан Антонио – Њујорк 109:83
Лос Анџелес клиперс – Чикаго 128:121