Маршон (лево) и Дилон Брукс

Размената на повеќемина кошаркари меѓу три НБА-клуба пропаднала во бизарна збрка поврзана со презимето Брукс, објавува И-ес-пи-ен.

Зделката не се реализирала бидејќи раководството на Феникс санс не било сигурно кој кошаркар со презимето Брукс ќе го добие од Мемфис – Маршон или Дилон.

Гризлис и Санс не комуницирале директно при договорањето на зделката, туку преку посредници од Вашингтон визардс, третиот клуб вклучен во размената. Луѓето од Вашингтон верувале дека Дилон Брукс е дел од размената, додека од Мемфис кажале изречно дека Маршон треба да замине во Феникс.

Според предвидената размена која начелно била договорена, Тревор Ариза требал да премине од Санс во Визардс, во Санс би завршиле Остин Риверс (Вашингтон), еден од двајцата Брукс и Вејн Селден (Мемфис), а Мемфис би го добил Кели Убре јуниор од Вашингтон. Мемфис требал да му отстапи на Вашингтон и два пика од идните драфтови.

Дилон Брукс бележи 6,8 поени и 2,1 скока во просек во изминатите две сезони, во кои пак, Маршон настапи на вкупно 24 средби.

Недоследноста била откриена кога НБА-лигата извршила проверка на размената, со што договорот пропаднал.