Поранешниот кошаркар на Сан Антонио спарс, легендарниот четирикратен НБА-шампион, Французинот Тони Паркер, објави дека се повлекува по 18 сезони во НБА-лигата.

-Ќе се пензионирам. Решив дека веќе нема да играм кошарка, изјави Паркер за „Еспин“.

Паркер си заминува на 37 години со 1.254 меча од регуларната сезона со просек од 15,5 поени, 5,6 асистенции и 2,7 скока. Спарси го зеде Паркер како 28. пик на драфтот во 2001 година по што тој беше клучен играч на Сан Антонио покрај Тим Данкан и Ману Џинобили за во 2007 година да стане првиот европски кошаркар што ја освоил МВП-наградата во НБА-финалето.

Шесткратниот олстар играше за Сан Антонио од 2001 до 2018 година за последната сезона да ја игра со Шарлот хорнетс.

-Многу работи ме натераа да ја направам оваа одлука. Но, на крајот, ако не можам да бидам Тони Паркер и да играм за титули, не сакам да играм кошарка, вели Паркер, кој ги освои НБА-титулите во 2003, 2005, 2007 и во 2014 година.