Клеј Томпсон го надмина клупскиот колега од Голден Стејт вориорс, Стеф Кари, кој пред две години погоди 13 тројки на мечот против Њу Орлеанс пеликанс

Кошаркарот на Голден Стејт вориорс, актуелниот шампион во американската НБА-лига, Клеј Томпсон на мечот на гости против Чикаго булс, 149-124, постигна 52 поена од кои 14 тројки од 24 обиди (за само 27 минути минати на паркетот) што е нов НБА-рекорд во оваа категорија. Томпсон со тоа го надмина клупскиот колега, Стеф Кари, кој пред две години погоди 13 тројки на мечот против Њу Орлеанс пеликанс. Томпсон и Кари се единствените двајца кошаркари што имаат постигнувано 11 и повеќе тројки, двапати и повеќе. На Томпсон тоа му успеало двапати, а на Кари шест пати!
– Не е воопшто чудно што Томпсон и Кари се двајцата рекордери во погодени тројки. Мислам дека тоа се најдобрите шутери што оделе по земјата. И веројатно никој никогаш нема да шутира како нив во иднина – изјави по мечот нивниот клупски колега, исто така еден од најдобрите шутери во НБА и во МВП во финалната серија во последните две сезони, Кевин Дурант.

Томпсон во првото полувреме постигна 10 тројки со што се израмни со Чендлер Парсонс, кој на мечот Хјустон рокитс – Мемфис гризлиз во 2014-та исто така погоди 10 тројки. Томпсон едноставно експлодира, објавија американските медиуми, појаснувајќи го тоа со фактот дека на првите седум меча во сезоната тој изгледаше „исфрустрирано“ и успеа да погоди само пет тројки.

Покрај индивидуалните рекорди на Томпсон, мечот во Чикаго ќе остане забележан во НБА-историјата и по речиси неверојатните 92 поена што ги постигнаа „воините“ во првото полувреме. Повеќе од нив, рекордни 107 кошеви, имаат дадено кошаркарите на Феникс санс, 107, во 1999-та на мечот против Денвер нагетс што го добија со 173-143!

Кошаркарите на Голден стејт на мечот против Чикаго постигнаа вкупно 24 тројки, најмногу во клупската историја, само една помалку од рекордните 25 на Кливленд кавалирс, лани.