Македонската репрезентација загуби од Италија со 84-92 (43-41) и беше рамноправна до 35. минута. Вчера се играше дуелот со Русија, утре е вториот дуел со Италија, а в понеделник е средбата со Естонија. Покрај Италија, како еден од домаќините, од групата Б на ЕП ќе играат уште две репрезентации

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022

Покажавме дека можеме да играме против тим што е прв на рангирањето на ФИБА во моментов. Успеавме не само да бидеме рамноправни туку и да водиме повеќе од 18 минути во мечот. Покажавме сосема поинакво лице во однос на натпреварите што ги одигравме лани. Ова е група што како тим има светла иднина и група на која сум исклучително горд. Ненад Димитријевиќ и Џејкоб Вајли би можеле да бидат сериозен тандем. Двајцата знаат да играат и нема проблем да се поврзат заедно. Ни претстојат уште тешки натпревари, но на крајот најверојатно сѐ ќе се сведе на мечот со Естонија в понеделник, изјави Александар Тодоров, селекторот на македонската репрезентација, по поразот од Италија, со 84-92 (23-25, 20-16, 21-22, 20-29), на квалификацискиот турнир во рускиот град Перм, за пласман на Европското првенство (ЕП) в година.
По овој дуел, Италија е прва со максимални осум бода, а Македонија е четврта со три бода. Покрај Италија, како една од државите домаќини на ЕП, од групата Б на континенталното првенство ќе играат уште две репрезентации.

Македонија беше рамноправна до 35. минута, а првиот дел го доби со 43-41, со што докажа дека може рамноправно да се справи и со најсилните репрезентации. Најефикасен на средбата беше Димитријевиќ, со 24 поени, два скока и 12 асистенции, а Вајли имаше скор 17/6/1. Кај Италијанците, најпрецизен беше центарот Амадео Теситори, со ефект 17/6/3. Македонија беше подобра во шутот од игра (47-44 отсто), шутот за два поена (56,4-47,5 отсто) и во блокадите (6-0), а Италијанците во шутот за три поени (40-31,8 отсто), слободните фрлања (80-67,9), вкупно скокови (43-35), асистенциите (23-18), украдените топки (6-1), изгубените топки (6-8).
Според распоредот, вчера Македонија требаше да игра со домаќинот Русија, денеска е слободен ден, утре следува нов меч со Италија (13 ч.), а в понеделник е дуелот со Естонија (15 ч.).


РАСПОРЕД НА СИТЕ МЕЧЕВИ

Италија – Македонија 92-84
Италија – Естонија вчера
Македонија – Русија вчера
Македонија – Италија утре, 13 ч.
Русија – Естонија утре, 16 ч.
Естонија – Македонија 22.02