Фото: Маја Јаневска-Илиева

КОШАРКА

Очигледно дека на сите им недостига играње во затворен простор. Не знаеме кога ќе се отворат салите, кога ќе биде дозволена контакт-играта, кои мерки на претпазливост ќе бидат воведени… Што се однесува до репрезентацијата, не знаеме дали ќе се игра навреме ноемврискиот прозорец од квалификациите за ЕП 2021, дали ќе се игра пред публика, вели селекторот на македонската репрезентација, Александар Тодоров

Не знаеме кога ќе се отворат салите за играње, кога ќе биде дозволена контакт-играта, кои мерки на претпазливост ќе бидат воведени, ниту каков натпреварувачки распоред ќе одреди Светската кошаркарска федерација, ФИБА. Нѐ очекува период со големи непознаници. Што се однесува до репрезентацијата, не знаеме дали ќе се игра навреме ноемврискиот прозорец од квалификациите за кошаркарското Европско првенство во 2021 година, ниту дали ќе се игра пред публика. Тоа се прашања на кои чекаме да добиеме одговор, вели селекторот на македонската машка кошаркарска репрезентација Александар Тодоров, во период кога клупската и репрезентативната кошарка, како и многу други спортови во светот, е во мирување, поради пандемијата на коронавирусот.

Тодоров, кој на селекторската функција на македонската кошаркарска репрезентација дојде при крајот на минатата година, во овој период имал повеќе репрезентативни планови, кои не се реализирани поради актуелната ситуација со пандемијата на коронавирусот.

– Во февруари, во словенечкиот град Рогашка Слатина, имавме закажано пријателски натпревари со репрезентациите на Италија, Венецуела и на Словенија, селекции што се подготвуваат за настап во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри во Токио, но тоа отпадна. Имав подготвено и план за работа со помладите категории кошаркари-кандидати за македонската репрезентација, што требаше да почне на 25 мај, но со оглед на ситуација со коронавирусот и тој план пропадна. Замислените летни репрезентативни мини-подготовки тешко дека ќе ги одржиме. Исто така, имав намера да ги проследам и европските настапи на македонските селекции за кошаркари до 18 и до 20 години, но и тие се откажани – рече Тодоров.

Но и во ова време на мирување, предводникот на македонската репрезентативна кошарка одржува контакти со репрезентативците, особено со помладите.
– Очигледно дека на сите им недостига играње во затворен простор. Во таа насока им помагам на помладите кошаркарски репрезентативци, со тоа што им доставувам програма за индивидуални подготовки, а физичките планови си ги добиваат од кондициските тренери – вели селекторот Тодоров.